ШИЛЕГОВ: МЛАДИТЕ ИМААТ ВИЗИЈА ЗА РАЗВОЈ НА МЛАДИНСКИ ПОЛИТИКИ 02.09.2021

4 mins read

Градоначалникот Петре Шилегов денеска се сретна со претставници на младински организации со кои разговараше за приоритетите и потребите на младите од Скопје. Тој изрази задоволство од досегашната соработка со некои од овие здруженија и најави зголемена поддршка за младинските активности во иднина. Средбата се одржа во МладиХаб, во Канцеларијата на претседателот на Република Северна Македонија.

– Изминативе речиси 4 години променивме многу нешта во начинот на кој функционира градот и уште многу ќе менуваме, особено во делот на младинските политики. Во 2018 година кога за првпат го распишавме јавниот повик за финансирање програми, проекти, активности и манифестации за младите од интерес на Град Скопје беа доделени 1.000.000 денари за финансирање на 16 здруженија кои учествуваа на овој повик со квалитетни проекти. Затоа, во 2019 година ги зголемивме средствата за овој повик на 1.781.000 денари кои беа распределени на 24 здруженија. Во 2020 година, која пак е позната како ковид година, повторно ги зголемивме средствата, овој пат на 3.220.000 денари кои минатата година беа распределени на вкупно 51 проект од интерес на младите од разни здруженија и поединци. И, морам да ви признаам дека секоја година проектите се се поквалитетни, што ни говори само едно, нам не ни недостасуваат млади со идеи и со визија за развој на младински политики, младите се тука. Се што треба да се направи е некој да го препознае тој квалитет и да го стимулира на вистински начин. И тука успехот е неминовен – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека Советот на Град Скопје изгласа одлука за промена на статутот на  Градот за да се создаде правен основ за формирање на локален младински совет кој е од исклучително значење за градските младински политики. Неодамна е  назначен и задолжен и службеник за млади – тоа е Димитар Мечкаровски од Одделението за спорт и млади во Секторот за јавни дејности во Град Скопје.

Градоначалникот Шилегов се осврна на неколку значајни активности и реализирани проекти на Град Скопје што се особено атрактивни и популарни меѓу младите. Тоа се двата памптрак полигона, нагорната патека на Водно за спортски велосипедизам (прва од трите планирани), тартан патеката во Градскиот парк, одбојкарското игралиште на кејот во Аеродром, редизајнот на 5 зелени скверови и двата зелени покриви – на објектот на ГТЦ и на Домот на градежници.

Младинскиот културен центар нуди богата програма, а во делот на културата исклучително популарни беа концертите на Филхармонијата на отворено и кината на отворено во Градскиот парк, концертите на Градскиот дувачки оркестар во паркот „Ибни пајко“ и на други локации во градот.

Преку проектот „Култура во време на корона“ и „Спорт во време на корона“ Градот Скопје поддржа над 200 млади спортисти и уметници кои добија симболични паушали во првиот налет на корона кризата.

Во делот на образованието, Град Скопје ги реконструираше сите средни училишта  кои добија енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, а обезбедени се и прочистувачи за воздух во секоја училница.

Обезбеден е бесплатен автобуски превоз за сите средношколци и за сите студенти независно од оддалеченоста на училиштата и факултетите. Воведени се стипендии за средношколци спортисти и средношколци со попреченост. Само во текот на минатата година Град Скопје додели стипендии за 120 средношколци спортисти во нето годишен износ од 24.000 денари.

https://skopje.gov.mk

Претходно

ШИЛЕГОВ: ВО СРЕДНОТО МЕДИЦИНСКО УЧИЛИШТЕ НАСТАВНА ПРОГРАМА СО НОВО ЗАНИМАЊЕ – „ФАРМАЦЕВТСКИ ТЕХНИЧАР ВО ФАРМАЦЕВТСКА ИНДУСТРИЈА“ 02.09.2021

Следно

ЗА ПРВПАТ ИТАЛИЈАНСКА ПАРАЛЕЛКА ВО ГИМНАЗИЈАТА „НИКОЛА КАРЕВ“ 01.09.2021

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian