Наковска Бикова со многу проблеми во последниот трет настап во Токио

5 mins read

Единствената македонска спортистка Оливера Наковска Бикова го имаше и последниот трет настап на Параолимписките игри во Токио, Јапонија, кои завршуваат в недела.

Денеска на олимпиското стрелиште во Асака се одржа последната пиштолска дисциплина П4-Малокалибарски пиштол слободен избор на 50 метри. Наковска Бикова го заврши мечот со 509 кругови и се пласира на 26 место.

Како што известува од претседателот на Македонскиот Параолимписки комитет и воедно селектор на македонската параолимписка репрезентација, Бранимир Јовановски, во претходниот ден се одржа официјалниот тренинг (ПЕТ) и уште на стартот беше забележано дека пиштолот има проблем со испалување на куршумите.

Мислевме дека е до муниција, променивме 3 врвни производители, меѓутоа проблемот си остана актуелен, пиштолот не испалуваше. Веднаш го однесов до сервисот и добивме одговор дека тие сервисираат само воздушно оружје, не и малокалибарско и дека немаат никакви делови.

Ако другите пукаа меч од 60 истрели, Оливера подигна најмалку 150 пати за ист број на истрели/Фото: Македонски Параолимписки комитет

Но ние имавме, јас носев резервни делови и сами ја променивме ударната игла и опругата, се вративме назад на стреланата со надеж дека сме го фиксирале проблемот…и повторно ништо, пиштолот не испалуваше ниту една муниција.

Појдов до колегите од српската и босанската репрезентација за да побарам дали имаат цел затварач со ударна игла за ТОЗ-35, меѓутоа Србите користат друг модел на пиштоли (Морини), а Босанецот кој користи ТОЗ-35 ги имаше деловите како и јас кои не вршеа работа. Тогаш се обратив до колегата тренер на руската репрезентација. Тој ми кажа дека немаат цел затварач, но имаат мајстор со нив кој може да го погледне пиштолот доколку сакам.

Секако дека се сложив, и по прегледот, мајсторот констатира дека има проблем во цевката, во делот каде што влегува зрното има сплескан метал и не му дозволува на зрното да влезе целосно во цевката за да испали. Јас тоа не можев да го решам на лице место, но тој се понуди доколку сакаме да се обиде да го израмни со надеж дека тогаш најверојатно ќе функционира, можеби не на секој истрел, но сепак ќе функционира.

Наковска Бикова со претседателот на Македонскиот параолимписки комитет, Бранимир Јовановски/Фото: Македонски Параолимписки комитет

Секако дека се сложивме, човекот донесе брусалка, работеше 30 минути и на крај кога го склопивме пиштолот…студен туш, заврши тренингот и немаше можност да се испали ниту еден куршум на стрелиштето, чисто да видиме дали се функционира.

Се спакувавме, си заминавме од стрелиштето и решивме тестот дали ќе работи да го извршиме за време на пробата на самиот натпревар. Ако работи ОК, ако не, ќе се откажеме од настапот Оливера пробата ја започна оптеретена дали воопшто пиштолот ќе функционира, крена и…. ништо, муницијата ЕЛЕЈ ТЕНЕКС, една од најквалитетните, не функционираше ниту после неколку куршуми. Се обидовме со друга муниција, ЛАПУА МИДАС +, и пак ништо…дури третиот пат испали. И така, 2-3 кревања, едно испалување.

Претстои набавка на ново оружје за Оливера за новиот циклус за Параолимписките игри во Париз 2024/Фото: Македонски Параолимписки комитет

Ја прашав Оливера дали може физички и ментално да го издржи ова или да пријавиме дека го откажуваме настапот. Таа не сакаше ниту да слушне да се откаже и влезе во мечот свесна дека целосно ќе се исцрпи. Ако другите пукаа меч од 60 истрели, Оливера подигна најмалку 150 пати за ист број на истрели. Тоа ја исцрпи и физички и ментално, но го заврши мечот со 509 кругови и се пласира на 26-то место.

Честитки за упорноста на Оливера, но и за рускиот тим кој безрезервно ни излезе во пресрет и ни пружи целосна поддршка и помош – информира Јовановски.

Од Македонскиот Параолимписки Комитет додаваат дека претстои набавка на ново оружје за Оливера за новиот циклус за Параолимписките игри во Париз 2024 година. Македонската делегација тргнува за дома од Токио на 06.09.2021 година во раните утрински часови и пристигнува на аеродромот во Скопје на 07.09.2021 после полноќ.

Во претходните два настапи на Параолимписките игри во Токио, Наковска Бикова го освои деветтото место во дисциплината П3-Спорт пиштол 25 метри, а во првиот настап беше шестопласирана во дисциплината П2-воздушен пиштол-жени 10 метри.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ШИЛЕГОВ: СЕ РЕКОНСТРУИРА БУЛЕВАРОТ КРСТЕ МИСИРКОВ КАЈ МАНУ 04.09.2021

Следно

НАГРАДЕНИ НАСТАВНИЦИТЕ ОД ПРОЕКТОТ ЗБОРУВАМ НА ЈАЗИКОТ НА МОЈОТ ДРУГАР 03.09.2021

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian