Искрени честитки, и желби за натамошен успех на филмот „Сестри“, кој ја доби специјалната награда од жирито (East of the West Special Jury Prize) на 55-то издание на престижниот Филмски фестивал во Карлови Вари, Република Чешка, им упати министерката за култура Ирена Стефоска на режисерката Дина Дума и на продуцентката Марија Димитрова.
На срдечната средба, Дума и Димитрова ги споделија искуствата од фестивалот во Карлови Вари, кој е еден од најугледните во Европа, како и реакциите на стручната јавност и на публиката. Стана збор за меѓуврсничкото насилство, што е тема на „Сестри“, за актуелните теми во современата европска кинематографија, и за иднината на овој филм.
Министерката Стефоска го изрази своето задоволство од успехот на овој филм, како и резултатите што ги постигнува новата генерација филмски работници во земјава, посакувајќи им големи успеси во иднина.