Во време кога сертификатите за вакцинација се контроверзна тема во целиот свет, а тие според важечките епидемиолошки мерки кај нас се задолжителни за влез во угостителски и други објекти, на интернет е објавен сличен документ од пред повеќе од еден век, кој покажува како се докажувало дали некој е вакциниран во Отоманската Империја, пишува Алсат.
Сертификатот за вакцинација, напишан на тогаш официјалното арапско писмо, но и на француски јазик, датира од 1908 година, кога биле откриени само две вакцини – против мали сипаници и против чума. Документот ги содржи деталите за лицето коешто е вакцинирано, во случајот десетгодишно дете од престолнината, Истанбул.
„Потврда за вакцинација против епидемијата во времето на Отоманската империја за време на султанот Абдулхамид Втори во 1326 година според хиџра. Печат: Абдулхамид Хан бин Абдулмеџид ел-музафер даима. Име: Исмаил ефенди, години: 10. Татково име: Мехмед Ага. Занимање на таткото: Возач на фијакер“, стои меѓу другото во документот, во кој е наведена и адресата на живеење на младиот носител.
„Во Балада, доброволно и без наметнување, вакцинацијата беше направена по вторпат за споменатото лице за заштита од епидемијата и овој сертификат му се доставува на 13 октомври 1326 според хиџра. Одговорен за вакцинација: Мустафа бин Хусеин…“, се додава во сертификатот.