Хакерскиот филмски хит „Кој сум јас“ во Кинотека

во категорија Култура од

Во среда, 13 јуни, во киносалата на Кинотеката на Македонија ќе се одржи проекција на германскиот хакерски хит „Кој сум јас?“ (Who Am I – Kein System ist sicher). Филмот ќе биде прикажан со македонски и со албански титли, а во во соработка со Гете Институтот.

Оваа криминалистичка драма која собра добар дел од германските филмски награди во 2014 година е приказна за младиот Бенџамин, несигурно момче кое се чувствува незабележано, невидливо и безвредно. Кога со групата нови пријатели ќе го формира субверзивниот хакерски колектив CLAY, ќе се впушти во докажување на своите способности – пред другарите и пред меѓународната хакерска заедница – преку саботажа на информатичките системи на неколку владини институции и влијателни фирми, создавајќи хаос во работењето и сообраќајот на градот.

Германската федерална криминална полиција и Еуропол му се зад петиците, а Бенџамин ќе мора да се бори против и да се надмудрува со својот хакерски идол и ментор – злогласниот MRX. Тој повеќе не е невидлив и незабележлив, напротив, сега сите зборуваат за него и сакаат да го уловат.

Својоата премиера „Кој сум јас“ ја имаше на Меѓународниот фестивал во Торонто во 2014 година, потоа следеа Палм Спрингс, Берлинале, итн. Заради драмските пресврти и графички елементи филмот „Кој сум јас“  често е споредуван со Финчеровиот „Боречки клуб“ (Fight Club, 1999) и хит серијата „Господин робот“ (Mr.Robot).

Режијата е на швајцарецот Баран бо Обан, а во главните улоги настапуваат Том Шилинг, Елјас М’барек, Трине Дирхолм, Хана Херцспрунг, Леонард Кароу. Саундтракот на филмот е избор на германскиот продуцент и технаџија Бојс Нојз. Влезот за филмската проекција е бесплатен.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Извор: https://makfax.com.mk/