Почнува Баскерфест 2018

во категорија Култура од

Во издание на книгоиздателството „Виг зеница“ од Скопје објавена е книгата „Проза – есеи“ со избор од осум исклучителни творби на руската писателка Марина Цветаева, едно од најголемите имиња на современата руска и светска поезија и литература.

Изборот го направил писателот и издавач Глигор Стојковски, а преводот од руски јазик е на Анета Сусинова.

„Станува збор за книга во која на над 400 страници се објавени прозните дела на Цветаева, попозната како авторка на врвни поетски творби. На истиот начин таа се потврдува и низ своите прозни и есеистички текстови напишани во текот на триесеттите години, сега публикувани во новата објава на Цветаева на македонски јазик: ‘Дом покрај стариот Пимен’, ‘Ѓаволот’, ‘Мојата мајка и музиката’, ‘Повест за Соњечка’, ‘Неовдешна вечер’, книжевните белешки ‘Заробениот дух (Мојата средба со Андреј Бели)’, како и вонвременските есеи ‘Епот и лириката на современа Русија’ и ‘Поетот и времето’“, наведуваат од издавачот.

Освен овие есеистички размисли и книжевни белешки, книгата ја исполнуваат и богатите имагинативни прози со слободоумни, ерудитски и драматични чувствувања на блиските, на светот, на времето и на литературата.

Тука стојат забележани творби исполнети со копнежи и носталгични чувствувања, напишани во егзил во западноевропските земји пред судбоносното враќање на Марина Цветаева во Советскиот Сојуз во 1939 година и следувањето на личните трагедии, што ќе завршат со нејзината смрт во 1941 година.

Извор: https://makfax.com.mk/