Иванов не прифаќа ерга омнес за името и се заканува со вето

во категорија Македонија од
За претседателот Ѓорге Иванов не е прифатливо решение за името ерга омнес,соопштија вчера од кабинетотна шефот на државата, пред најавената средба со шефот на дипломатијата на која всушност треба да добие нови информации за преговорите со Грција.

Со оваа порака претседателот практично најавува дека нема да го поддржи договорот што, според рамката договорена меѓу министрите Никола Димитров и Никос Коѕиас, треба да биде усвоен без двотретинско мнозинство во парламентот и ќе има меѓународен карактер, како и евентуалните уставни измени што ќе го сменат името и на домашен план.

Ваквата најава доаѓа од кабинетот пред да се види кое име е на масата меѓу Македонија и Грција а кое, теоретски, може да биде прифатливо за нас,па и да биде Република Македонија, што го прави неговиот потег избрзан и на штета на преговорите за името.

– Ставот на претседателот Иванов е принципиелен, а воедно и конзистентен со ставовите на сите досегашни претседатели на Република Македонија. Тој став е дека претседателот Иванов не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес – се наведува во соопштението од кабинетот на Иванов.

Воедно, оттаму информираат дека шефот на државата во текот на денешниот ден ќе го прими министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Според Уставот, меѓународни договори во име на Република Македонија склучува претседателот, но по исклучок, и тоа многу широк, може и Владата во областа на економијата, финансиите, науката, културата, образованието, спортот, сообраќајот и врските, урбанизмот и други такви сфери, но и во областа на одбраната и безбедноста на државата, освен за прашања поврзани со границата на Македонија, со стапување во сојузи или заедници со други држави или за иста пување од нив и „други меѓународни договори кои, според ме ѓународното право, ги склучуваат шефови на држави“.

Толкувањата во експертски кругови се дека според законот за ратификација на меѓународни договори, договорот со Грција за името може да биде потпишан на ниво на Влада, па и на ниво на министри, како што беше потпишана Времената спогодба со Грција. На таквиот договор не е потребен потпис од шефот на државата, а евентуалните уставни измени за да се вметне новото име ако бидат прифатени од граѓаните на референдум мора да ги гласа и опозицијата, бидејќи референдумите од овој тип кај нас се обврзувачки. Тие пак измени, донесени со двотретинско мнозинство, се обврзувачки за шефот на државата и тој мора да ги потпише. Така што, неговата закана може да стане валидна дури кога ќе биде ратификуван евентуален прием на Македонија во НАТО или во ЕУ. Дотогаш ќе му истече мандатот.

(С.Ј)

Извор: https://nezavisen.mk/mk/