Стејт департмент: Верските разлики во Македонија низ судските лавиринти

во категорија Свет од

Американскиот Стејт департмент синоќа го објави годишниот извештај за верските слободи за 2017 година, во кој во делот за Македонија се наведува дека верските разлики продолжуваат да фигурираат во кривични и граѓански судски процеси. Притоа, Стејт департментот го нотира повторениот процес против владиката Јован Вранишковски.

„Основниот суд Скопје лани во март го осуди Вранишковски, архиепископ на Охридска архиепископија, за перење на пари. Владиката беше осуден на седум месеци затвор. Судот, исто така, нареди конфискација на земјиште на ОА во вредност од 140 илјади евра, што подоцна и се изврши“, се наведува во извештајот во кој се додава дека Европскиот суд за човекови права во ноември пресуди во корист на ОА, наведувајќи дека со одбивањето да ја регистрира како одделна верска група, власта ги нарушила првата на оваа црква за слобода на здружување и слободно практикување вера.

Нотирани се и поплаките од Исламската верска заедница во Македонија, за тоа дека во селoто Лажец и во Крива Паланка се вршaт блокади за изградба на џамии под притисок од локални жители, кои се противат на изградбата. ИВЗ, исто така, се пожалила дека властите продолжуваат да ја блокираат реконструкцијата на џамијата во Прилеп, запалена за време на конфликтот во 2001 година.

Во извештајот за 2017 година се наведува и дека Македонската православна црква се пожалила дека општина Струга се уште не донела одлука за изградба на православна црква во селото Белица и дека општина Тетово одбила да изгради пристапен пат до градската црква.

Извор:https://www.slobodnaevropa.mk/