Референдумот за името во пакет со избори?

во категорија Македонија од
Реконструкцијата на владиниот кабинет и првиот голем митинг на опозицијата, како важни настани што претстојат кон крајот на оваа седмица, според проценките во политички кругови, се увертира во големи политички поместувања во наредните месеци. Епилог на тој процес би бил референдум за името, како „круна“ на договорот што се очекува да го постигнат во наредните денови властите во Скопје и во Атина. Со оглед на тоа што компромисот за името би требало да ѝ ги отвори вратите на Македонија за почеток на преговори со ЕУ и за добивање покана за членство во НАТО, во политички кругови деновиве се подгреваат прогнози дека не е исклучено паралелно со референдумот за името да се одржат и предвремени парламентарни избори.

Премиерот Зоран Заев, во изминатиот период беше главно застапник на тезите дека треба да прекине практиката на постојани вонредни парламентарни избори за да се остави простор за стабилизирање на државата, а пред се на економијата и на бизнис-климата. Сепак, најавите дека е на повидок решение за името се сметаат за сигнал дека е можно премиерот да го смени ставот.

Наводно, Заев, во тесен круг на свои соработници самиот ја наметнал дилемата дека владата можеби треба да си го провери легитимитетот кај граѓаните со оглед на крупниот проект што го презема во однос на промена на името. Варијантата за предвремени избори заедно со референдумот кој, според првичните најави, би се одржал наесен – во септември или во октомври, се смета за ризична за актуелната владејачка партија. На тој начин можеби би се мобилизирале повеќе гласачи за постигнување на цензусот од над 50 проценти излезеност кој е неопходен за успешност на референдумот. Ама, многу веројатно е дека во таков случај гласачкото тело би се поделило по линија на „одбрана“ и „предавство“ на името и во кампањата би доминирала „патриотска“ реторика. Тоа не ѝ оди во прилог на владејачката гарнитура, од чии гласови во парламентот, практично, зависи дали би можеле да се распишат предвремени избори.

Од друга страна, според информациите, последните анкети, наводно, покажувале водство на СДСМ од неколку проценти пред ВМРО-ДПМНЕ, наспроти високиот личен рејтинг на Заев во споредба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тоа може да биде повод за премиерот да го искористи моментот за зацврстување на својата позиција, со оглед на перцепцијата дека преговорите што ги водеше цело ова време со Грција и неговата фокусираност на надворешен план, не се одразиле драстично неговиот рејтинг.

Претседателот на парламентот Талат Џафери оцени вчера дека е неодговорно да се размислува за предвремени избори во период кога земјата се соочува со крупни предизвици. Џафери, сепак, посочи дека предвремени парламентарни избори може да има во секое време ако мнозинството од 61 пратеник одлучат да се самораспуштат.

– Јас имам обврска во рок од 60 дена од самораспуштањето да распишам нови избори. Но, сметам дека е неодговорно да се размислува за тоа во ваков момент во каков што се наоѓа сега Македонија, имајќи ги предвид сериозните прашања за кои се решава во земјата. Акои има такви размислувања, мислам дека се врзани со теснопартиски интереси со цел собирање политички поени. Ако се размислува државнички и за иднината на граѓаните, тогаш не треба никој да размислува за избори – рече Џафери.

Од изјавата на Џафери, како претставник на ДУИ, произлегува дека СДСМ, како најголема владејачка партија, тешко би обезбедила поддршка од своите партнери за распуштање на парламентот во случај да реши да оди на предвремени избори. Од друга страна, последниве денови предвремени избори константно бара и Мицкоски како лидер на опозицијата, што се очекува да биде испорачано како предлог  на митингот на ВМРО-ДПМНЕ на 2 јуни. Сепак, повиците на Мицкоски за вонредни избори се толкуваат повеќе како политички трик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во насока на поголема мобилизација на членството на претстојниот протестен митинг, со оглед на поделеноста на партијата на повеќе струи. Од друга страна, како можна точка на хомогенизација на гласачкото тело на опозицијата се смета спротивставувањето на уставни измени за промена на името. Од тој аспект, владејачките партии, по очекуваниот договор со Грција, ќе се соочат во парламентот со предизвикот за обезбедување на неопходното двотретинско мнозинство за „уставната ревизија“ што ја бара официјална Атина. Тоа, според проценките, нема да биде едноставен процес, независно од проширувањето на парламентарното мнозинство кое сега стигна до близу 70 пратеници.

Овие денови, впечатокот во јавноста е дека Заев е многу поприсутен на домашен терен, за разлика од првите месеци од преземањето на власта, кога беше најмногу посветен на меѓународната политика и често беше надвор од земјата. Во изминатите месеци, тој во неколку наврати оцени дека е најдобро за државата следните парламентарни избори да се одржат во редовниот термин, што би значело кон крајот на 2020 година. Според неофицијални информации, висок функционер на СДСМ, на една од трибините што владејачката партија интензивно ги одржува низ градовите во државата во последно време, одговарајќи на прашање од публиката, не исклучил можност од предвремени избори, посочувајќи дека тоа евентуално би било заедно со претседателските избори.

Зборуваат за избори, а нема кој да ги спроведе

Додека во јавноста се „тркала“ можноста за предвремени парламентарни избори, Собранието е оневозможено дури и да избере нов заменик-министер за образование, поради тоа што Државната изборна комисија е без членови, така што е нефункционална.

За заменик-министер за образование треба да биде предложен актуелниот пратеник на СДСМ, Петар Атанасов. Но, ако Атанасов влезе во извршната власт автоматски ќе му престане пратеничкиот мандат, а неговото пратеничко место нема да може да се пополни со следниот кандидат од листата на СДСМ во Првата изборна единица, затоа што тоа е работа што треба да ја заврши ДИК. Во период кога парламентот треба да избере нови членови на владиниот кабинет, на владејачкото мнозинство, и покрај неговото проширување, не му одговара да функционира со пратеник помалку.

Спикерот Талат Џафери најави вчера дека наскоро ќе биде објавен огласот за избор на нови членови на ДИК, по неодамнешните измени во Изборниот законик со кои се врати претходниот концепт на Комисијата, но со мандат од само шест месеци, додека не бидат донесени потемелните измени во изборната регулатива. За тие измени веќе преговараат парламентарните партии, а формирана е и работна група во Министерството за правда.

Под претпоставка новиот состав на ДИК да биде избран до крајот на јуни, тој би имал мандат само до крајот на годината. Во составот на Комисијата сега би влегле тројца претставници на опозициските партии, од кои би се избирал претседател, но неизвесно е дали третиот член ќе биде од Алијансата за Албанците или од тетовската Беса, како единствени опозициски партии од албанскиот блок кои бројат по двајца пратеници. Владејачките партии, пак, би имале четворица членови во Комисијата.

Овој состав на Комисијата, веројатно, ќе треба да го спроведе референдумот за името, кој се најавува за септември или за октомври. Потоа треба да се избере друг состав на ДИК, според нов концепт за спроведување на првите следни редовни избори – претседателските во април 2019 година. За тие избори, според најавите, ДИК треба да функционира како административно тело во кое партиите, шест месеци пред избори, ќе делегираат свои набљудувачи без право на глас.

Александра М. Митевска

Извор: https://nezavisen.mk/mk/