Од март 2019 и граѓаните ќе бираат од кого ќе купуваат струја

во категорија Македонија од
Од март 2019 и граѓаните ќе бираат од кого ќе купуваат струја
Од март наредната година граѓаните ќе можат да ја изберат компанијата од која ќе купуваат струја. До тогаш треба да биде објавен тендер за избор на  универзален снабдувач, од кого ќе добиваат струја граѓаните што нема да трошат струја купена на слободен пазар. Роковите за либерализација на последниот сегмент од пазарот на електрична енергија – граѓаните и малите компании, течат од 5 јуни годинава, од кога влегува во сила новиот Закон за енергетика.

Владата не може да гарантира дали струјата ќе биде поевтина.

„Никој со сигурност не може да каже дали цената на електричната енергија во иднина ќе биде пониска. Тоа е како прашањето да го поставите дали цената на нафтата или на некој метал ќе биде пониска“, рече Анѓушев, но, гарантира дека со новиот закон цената на електричната енергија секогаш ќе биде поповолна за граѓаните во споредба со тоа што го нудеше постојниот закон. Ова го овозможува механизмот на универзален снабдувач.

„Компаниите ќе мораат своите трошоци да ги вклучат на некаква маргина над набавената електрична енергија и тука ќе биде нивната конкуретност. Законот стимулира пазарно ориентирани компании, што на конкуретна основа ќе бидат стимулирани да ги намалуваат непродуктивните трошоци“, појасни Анѓушев.

Тој додаде дека универзалниот снабдувач гарантира две работи. Прво граѓаните се заштитени со тоа што универзалниот снабдувач 7 години ќе купува домашна струја, со што граѓаните на подолг рок ќе бидат заштитени од ценовните шокови на пазарот. Второ, ќе има голем бенефит за компаниите и за сите кои сакаат да бидат на слободниот пазар, бидејќи средните компании денес плаќаат 140 до 150 евра по мегават час, а нивната конкуренција од Европа плаќа 50 до 60 евра мегават часови. Ова им овозможува тие да се борат на светиот пазар. Законот овозможува Македонија да биде дел од европското семејство и во енергетска смисла, рече Анѓушев. Тој нагласи дека во моментов во земјата за тргување со електрична енергија се лиценцирани над 50 компании, додека за снабдување над десет.

 

 

Извор: https://nezavisen.mk/mk/