Една година Влада: Огромните очекувања донесоа огромни разочарувања

во категорија Македонија од
Огромните очекувања од новата влада донесоа исто такво разочарување кај граѓаните, кои една година по устоличувањето ѝ доделија жолт картон. Насочувањето на приоритетите кон решавање на спорот за името и допирањето на чувствителните теми за идентитетот и јазикот на сметка на неисполнување на дадените ветувања за економски просперитет се клучниот сегмент во мозаикот незадоволство кај мнозинството граѓани.

Вака стручната јавност ја оценува анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка за ТВ „Телма“, која покажа дека граѓаните во Македонија се поделени во оценката за првата годишнина од владата предводена од СДСМ и Зоран Заев, односно дека масовната поддршка до летото 2017 година сега стои на разнишани нозе. Според неа, 36,8 отсто од испитаниците сметаат дека земјата се движи во негативна насока, 35 проценти во позитивна, а 22,4 отсто дека е иста. Триесет и пет отсто од граѓаните се целосно незадоволни од работењето на Владата, 12 отсто се донекаде незадоволни, 16,5 отсто се целосно задоволни, а 32,5 проценти се донекаде задоволни, што значи дека соодносот незадоволни-задоволни е 47-49 отсто.

Лилјана Поповска, пратеничка во Собранието и претседател на ДОМ, партија што коалицира со СДСМ, лоцира три главни проблеми поради кои падна поддршката за Владата.

Прво, постоеја големи очекувања, кои беше нереално да се остварат во само една година и затоа сега има големо разочарување. Второ, клучната порака на сите оние протести каде што се рушеше претходната власт беше ‘Нема правда, нема мир’. Се повикуваше на одговорност и правичност, но во сите тие случаи нема конкретен исход, тие што се одговорни не одговараат и имаме уште едно изневерено очекување. Трето, во оваа година на политичка криза се надоврза и етничката, се распалија нови огнови и се создаде недоверба, се решаваат работи што граѓаните ги допираат длабоко во срцето, оти се разговара за име, јазик и идентитет. Секако дека имаше грешки и во кадровските политики на Владата, но тоа се детски болести што мора да се одлежат при формирање нов хетероген тим и не сметам оти тие не беа тегот што натежна на една или друга страна“, вели Поповска за „Независен“.

Нејзиниот колега, Павле Богоевски, кој беше еден од препознатливите фигури на „Шарената револуција“, а потоа премина во собраниските клупи и стана дел од коалицијата на власт, вели дека граѓаните не можат да не се во право и каква било критика мора да биде сериозно разгледана.

Видливо е дека постои разлика во една година, но исто така разбирливо е дека за една година не можат да се имплементираат квалитетни политики што ќе имаат видливи резултати врз подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните. Поради тоа, резултатите од анкетата треба да послужат за рефокусирање на приоритетите и како основа за тоа во која насока треба да се одвива комуникацијата влада – граѓани и обратно. Што се однесува до ‘казната’ од граѓаните за коалицирањето со ДУИ или некои кадровски политики, мора да се каже оти политичкото милје во државата е такво какво што е. Грешки имало и ќе има, но поентата е тие грешки да се намалат и да не бидат правило на работење на системот“, ни изјави Богоевски.

Гледајќи според етничка припадност, поголем дел од Албанците сметаат дека ситуацијата оди во позитивна насока, помал дека е негативна или иста, додека кај Македонците е поголем процентот на оние што сметаат дека ситуацијата оди во негативна насока.

Ако, пак, се споредува партиското изјаснување, само 8,1 отсто од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека државата се движи во позитивна насока, а речиси 73 отсто во негативна. Анализите покажуваат дека оние 35 отсто што се изјасниле дека земјава се движи во позитивна насока главно произлегуваат од поддржувачите на СДСМ, ДУИ и Алијансата. Специфично е и што 9,7 отсто од поддржувачите на СДСМ сметаат дека земјата оди во негативна насока, а 13,1 отсто дека ситуацијата е иста. Од друга страна, ако ѝ се верува на анкетата, дури 38,4 проценти од поддржувачите на ДУИ се незадоволни од работата на Владата во изминатата година.

Аналитичарот Висар Адеми смета дека премиерот Зоран Заев заедно со владиниот кабинет, целиот капацитет ќе го свртат кон домашните проблеми штом го решат 27-годишниот спор околу името со Грција бидејќи, според него, внатрешните реформи кои Европската комисија ги бара од Македонија зависат токму од решението на спорот со името и затоа во овој контекст Македонија не може да се движи напред.

Заев знае дека без решение за името на ниту еден начин не може да се реализираат реформите во земјава и знае дека има големи функционални проблеми во едно проблематично владеење. Тој знае дека единствен начин Македонија да оди напред е да се изнајде решение за името. Во мометот кога ќе се реши тој проблем, интегративниот процес, кој е заложник на тоа прашање повеќе од 25 години, ќе се движи напред и како домино ефект тоа ќе влијае на домашната политика или поточно на тие полиња каде граѓаните се незадоволни, како што е економијата, работните места. Заев добро знае дека без да се реши името, ниедна реформа во ниедно поле не може да се направи. Затоа тој е фокусиран да го реши тоа прашање. Во моментот кога тоа ќе се направи, премиерот и владата својот интелектуален капацитет и внимание ќе го свртат кон внатрешните реформи и проблеми како што е миграцијата, лошиот животен стандард, ниската куповна моќ на граѓаните, значи пред сѐ економските проблеми, но има и други социјални проблеми“, анализира Адеми.

Според него, високиот процент на незадоволство на гласачите на ДУИ кон владата е резултат на последиците кои зад себе ги остави минататата владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Има многу луѓу кои десетте години не можат да ги заборават толку брзо. Зборувам за лични врски, идеолошки врски со ВМРО-ДПМНЕ и крајно време е тие врски да бидат прекинати. Нормално е дека тие луѓе кои имаат врски со ВМРО-ДПМНЕ имаат свој интерес и група на гласачи кои ги манипулираат и можеби токму таа група граѓани е незадоволна од оваа влада и се најголемите губитници на реформите од актуелната влада“, смета Адеми.

Нова влада – стари проблеми, е мислењето на аналитичарот Иса Спахиу. Тој потенцира дека една година требаше да биде доволна премиерот Заев да ги реализира дадените ветувања, како што се подобар животен стандард и плата од 500 евра.

Една година е доволна да се случат промени и тоа драстични, почнувајќи од платите, подобрувањето на услугите, промените во администрацијата…Овде изгледа дека на „волкот“ му одговараат облаците и тие облаци како и секогаш се во полза на Македонците. За една година, како што ветуваше Заев, требаше да се реши проблемот со името, да имаме минимална плата од 500 евра, да имаме промени во администрацијата и владеење. Не е регулирано прашањето со албанскиот јазик, ниту платите, до денес Заев не реализирал ниту едно ветување заедно со неговата владеачка коалиција“, смета Спахиу.

Анкетата спроведена телефонски од М-Проспект, во периодот од 15 до 23 мај покажа дека зголемување на работните места е приоритет за 26,8 отсто од испитаниците, а економскиот развој за секој четврти граѓанин. Околу шеесет проценти од граѓаните се незадоволни од мерките за економски раст, од зголемувањето на минималната плата, од сузбивањето на корупцијата и криминалот, правосудството, образованието, администрацијата, здравствените услуги, инфраструктурата…Граѓаните се најзадоволни од работата на Министерството за надворешни работи, а најреволтирани од Министерството за здравство.

Горан Адамовски

Блерим Исмаили

Извор: https://nezavisen.mk/mk/