Анкета: Заев го „прегази“ Мицкоски

во категорија Македонија од
Премиерот Зоран Заев, една година по назначувањето на функцијата, е најпопуларен политичар во земјава, додека опозицискиот лидер Христијан Мицкоски е далеку зад него, како и повеќето други политички фактори чиј рејтинг е тестиран во најновата анкета што ја спроведе ТВ „Телма“ и Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Иако во анкетата доминира процентот на граѓани кои се „воопшто незадоволни“ од новата влада (35,4 проценти ), наспроти оние кои се целосно задоволни (16,5 проценти), Заев бележи висок процент на доверба – со 24,1 отсто. Сепак, на прашањето „Кој политичар заслужува најмногу доверба“, дури 31,3 отсто од испитаниците одговориле „ниту еден“. Претседателот Ѓорге Иванов со 9,9 отсто, како и поранешниот премиер Никола Груевски со 6,1 процент имаат, исто така, повисок рејтинг од Мицкоски, кому доверба му дале само 2,9 отсто од анкетираните.

Од друга страна, ако се соберат процентните поени за Иванов, Груевски и на Мицкоски, како експоненти на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предноста на Заев, како претставник на СДСМ, би била околу пет процентни поени. Толку изнесува и разликата во рејтинзите меѓу двете најголеми партии. Доколку утре се одржат избори, за СДСМ би гласале 25,5 отсто, а за ВМРО-ДПМНЕ 20,6 проценти од испитаниците, без разлика на нивната етничка припадност.

Од лидерите во албанскиот политички блок, највисок рејтинг има Али Ахмети од ДУИ – со 4,1 отсто, а по него е Зијадин Села од Алијансата за Албанците со 2,9 отсто или исто колку и Мицкоски. Трет е Билал Касами од тетовското крило на Беса со само 0,5 отсто поддршка. По тој редослед се движат и рејтинзите на партиите на Албанците, така што за ДУИ би гласале 7,4 отсто од испитаниците, за Алијансата 2,9, а за Беса – без разграничување кое од двете крила –  2 проценти. Дури 26,2 отсто од испитаниците не посочиле за кого би гласале, а 11,8 рекле дека нема да гласаат.

Интересен е податокот дека СДСМ и натаму има мошне солиден рејтинг кај албанските гласачи, од кои 13,2 отсто се изјасниле дека би гласале за оваа партија доколку утре се одржат избори. Со тоа, СДСМ е практично втора по популарност партија кај албанскиот електорат, по ДУИ за која би гласале 30, 8 отсто од етничките Албанци. Трета партија по доверба кај албанскиот електорат е Алијансата за Албанците со популарност од 12,4 проценти, потоа е Беса со 8,5 отсто. ДПА паднала на само 2,6 проценти.

Што се однесува, пак, до популарноста на партиите кај етничките Македонци, СДСМ води само со половина процентен поен пред ВМРО-ДПМНЕ, затоа што вкупната разлика од околу пет процентни поени ја обезбедуваат гласачите Албанци. Сличен е случајот и со рејтингот на Заев меѓу гласачите по етничка основа, така што 16,2 проценти Албанци посочиле дека имаат најмногу доверба во премиерот, наспроти 25,7 од испитаниците Македонци. Со тоа, Ахмети, како најпопуларен меѓу гласачите Албанци, има само 1,7 процентен поен предност во однос на Заев. (П.Р.)

Извор: https://nezavisen.mk/mk/