Обвинетите политичари се „крстат“ во аболицијата на Иванов

во категорија Македонија од
Документот на претседателот Ѓорге Иванов, со кој помилува 56 политичари, во 2016 година ја крена јавноста на нозе, а по две години од донесувањето и експресното поништување, аболицијата се најде и во судските процеси што ги покрена специјалното јавно обвинителство против поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Откако Врховниот суд во Атина го прифати актот на аболицијата на претседателот и одби да ги екстрадира поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски од Грција во Македонија, одбраната на дел од поранешните функционери се повика токму на оваа одлука.

Адвокатот Петар Василев, кој ги брани поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и пратеникот Илија Димовска во предметот за изборни нерегуларности „Титаник“, во воведниот збор побара и нашиот суд да ја земе предвид аболицијата што ја донесе Иванов.

„Никој тука не го зеде предвид помилувањето од страна на претседателот. Ваквиот правно-политички чин предизвикува неотстранливи последици и кон лицата за кои е дадено. Врховниот суд побарал мислење од Институтот за меѓународно право, од каде што посочиле дека еднаш даденото помилување не може да се повлече, па затоа амнестијата е во правна сила“, рече адвокатот Василев.

Дел од обвинетите, пак, во своите воведни зборови воопшто не ја споменаа аболицијата. Поранешниот премиер Никола Груевски, кој веќе беше осуден на две години затворска казна за случајот „Тенк“, рече дека специјалното обвинителство ги конструира овие дела и порача дека никого не терал да изврши кривично дело.

„Обвинението е со цел да се направи политички геноцид против партијата која легитимно ја водеше државата. Апсурдно е да ме обвинуваат бидејќи ВМРО-ДПМНЕ од 2005 до 2016 година ги добиваше изборите со огромна разлика во гласовите, а изборите ги следеа и странски набљудувачи“, рече Груевски во судот, а надвор од судницата не сакаше да даде изјава.

Во судот воведен говор даде и Јанкулоска, која рече дека СЈО нема докази за овој случај и побара судечкиот совет да донесе објективна одлука за овој случај. Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески побара да се направи вештачење на хард-дискот кој СДСМ им го предаде на специјалните јавни обвинители.

Претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, допрва ќе проверува дали аболицијата има правна сила.

„Треба да се проверат две работи за постапките со помилувањето што беа дадени од претседателот Ѓорге Иванов, а потоа повлечени. Неопходно е да се види дали се правосилни и дали имал право да ги амнестира“, рече Џолев на средба со новинарите.

Тие засега се водат според одлуките на Кривичниот совет за оценка на обвинителниот акт и одлуката на Апелацискиот суд кои ги одбија жалбите на обвинителните акти што ги покрена СЈО за функционерите.

„Кривичниот совет и Апелација веќе се произнесоа за аболицијата и при оценката на обвинението помилувањата беа одбиени. Токму затоа постојат обвиненијата, а во спротивно ќе беа отфрлени. Врховниот суд треба да донесе одлука, а во меѓувреме судиите мора да ги тераат постапките. Доколку повисокиот суд одлучи поинаку, Основниот суд Скопје 1 ќе ја почитува и ќе постапува по таа одлука“, рече Џолев.

Од кабинетот на претседател нема никаква реакција за спорната аболиција, а Хелсиншки комитет веќе го обвини Иванов за злоупотреба на службената положба, донесување одлука без законска основа.

Каков став ќе заземе СЈО за овие барања засега нема официјален коментар. Главното рочиште за случајот „Титаник“ е закажано за на 21 мај.

Во овој случај се товарат 21 поранешен функционер за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Извор: https://nezavisen.mk/mk/