Врвот на СДСМ ќе расправа утре за планот за името

во категорија Македонија од
Врвот на СДСМ ќе расправа утре за планот за името
Централниот одбор на СДСМ, според наши информации, ќе се собере утре на седница, на која се очекува партискиот лидер и премиер Зоран Заев да ги информира сопартијците за најновиот развој на настаните околу преговорите за името, што се очекува да финишираат деновиве со решение за долгогодишниот проблем.

Со оглед на проценките дека кај раководството, како и кај голем дел од членството на владејачката партија, постои расположение за надминување  на спорот кој ги блокира евроатлантските перспективи на државата, не се очекува поголем отпор за етапите што следуваат во насока на конечно решение на проблемот со Грција и овозможување реален почеток на проговорите со ЕУ и полноправна интеграција во НАТО. Во тој дел, Заев би требало да ги избрифира сопартијците за тоа како и кога би се спровел референдумот за името и во колкав обем би биле уставните измени за имплементација на предлогот што сега се спомнува како најверојатно решение “Република Северна Македонија“ .  Од заседанието на највисокиот орган на СДСМ меѓу два конгреса се очекува да произлезе и проценка како решавањето на долгогодишниот и деликатен спор ќе се одрази на позициите и на рејтингот на владејачката партија и дали ќе влијае на односите во коалицијата.

Висок функционер на СДСМ изјави деновиве за „Независен весник“ дека владата е подготвена да носи одлуки во однос на решавање на проблемот со името, затоа што, како што вели,  само тоа гарантира иднина на државата. Како што вели нашиот соговорник, следува референдум на кој граѓаните ќе се определат.

На седницата на ЦО се очекува да стане збор и за реконструкцијата на владиниот кабинет и за проширувањето на парламентарното мнозинство, иако тој проект се смета за завршена работа со оглед на тоа што предлозите за нови министри и заменик – министри се ставени веќе  на дневен ред на собраниската седница што почнува во петок.

 

 

Извор: https://nezavisen.mk/mk/