Од ВМРО-ДПМНЕ велат инфлацијата тропа на врата – што одговорија од СДСМ?

во категорија Eкономија од

Инфлацијата тропа на врата, гледаме дека секој ден се зголемуваат цените на бензините и на дизелот, а од друга страна имаме ситуација во која што се зголеми акцизата од 3,5 денари од страна на оваа влада на Зоран Заев и Драган Тевдовски и таа трае веќе со месеци,  рече Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ. 

„Од тие причини ВМРО-ДПМНЕ веднаш, неодложно бара од Владата и од СДСМ да се укине акцизата со зголемување на цената на дизелот и неговите деривати која што ја наметна Владата на Македонија“- рече Ѓорчев. 

Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ шири лаги и лицемерна е кон граѓаните кои 11 години ги крадела според нив, а акцизата тврдат дека не влијае врз растот на цените. 

„Не е точно дека постои инфлација, како што не е точно дека минималното зголемување на акцизата за нафтата влијае на покачување на цените во малопродажбата. Сите енергенси во вкупната цена на производите учествуваат со 10 проценти, а акцизата е зголемена само за мал дел од тие 10 проценти, што е незначително за вкупната цена. Цената на горивата ги одредува Регулаторната комисија за енергетика и за причините за зголемувањето на цените опозициската партија треба таму да се обрати. Заклучокот е дека ВМРО-ДПМНЕ шири лаги и лицемерна е кон граѓаните кои 11 години безмилосно ги крадеше, задолжуваше, иселуваше и осиромашуваше само за да се задоволат криминалните апетити на одредени поединци. За разлика од расипничкото и криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога парите на граѓаните се трошеа на споменици, палми и лажен барок, СДСМ преку Владата што ја предводи создава услови за интензивирање на економскиот раст, пораст на платите и животниот стандард“- се вели во реакцијата на СДСМ.

Регулаторната комисија за енергетика реши да ги зголеми цените и на дизелот и на бензините за два денари.

Тоа значи дека Еуросупер БС-95 ќе се точи по цена од 73,50 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 ќе чини 75,50 денари.

Дизелашите ќе полнат дизел за 65 денари.

Екстра лесното масло за домаќинство ќе чини 54 денари за литар, а се зголемува и цената на мазутот која од полноќ ќе чини 34,53 денари за килограм.

Новите цени стапуваат на сила од полноќ и ќе важат во следните две недели.

Извор: https://faktor.mk/