Ќе се вработуваат наставници без дозвола од државата

во категорија Македонија од
Забелешката на универзитетските професори е дека во новите измени на Законот за високо образование, кој веќе е во сила, нема член со кој ќе биде регулирано ново вработување кога професор ќе замине во пензија, иако на тоа инсистирале. Тие бараа високообразовна установа да може со тие пари што ги примал професорот да ангажира нов кадар и да распише конкурс без да има обврска да бара согласност за вработување од Министерството за образование. Заменик министерот за образование и наука Арбр Адеми вели дека со измените на Законот на факултетите и универзитетите, им се дава шанса да ангажираат асистенти и демонстратори, право кое изминатите години го немаа. За вработување на професори и натаму ќе мора да поднесат барање за одобрување до Министерството за образование.„Во однос на кадровската политика во Законот за виско образование има  доста квалитетни одредби и повеќе права за високообразовните установи, да развијат таква кадровска политика која ќе кореспондира со нивните потреби. Ние ги вративме и демностраторите и асистентите и што е најбитно, за секаков тип на ангажирање не треба согласност од надлежните институции. На пример, за ангажирање на демонстраторите во високообразовните установи не треба согласност од Министерството за финансии. Самите факултети и универзитети можат да ангажираат кадар од редовите на младите кои имаат одличен успех, кои ги исполнуваат условите и сакаат да градат кариера. За другите типови на ангажирање останува како што било порано, да испратат барање за вработување на нов кадар до Министерството за образование, кое треба да го одобри Министерството за финансии. Јавите универзитети се добро екипирани, имаат доволно кадар, иако секогаш постои потреба за ангажирање на нови кадри. Ние сме во редовна комуникација со нив и за секоја нивна потреба ќе дискутираме и ќе ги преземеме сите наши чекори во рамките на нашите надлежности“, рече Адеми.

„Огромен е недостатокот на кадар,со години не се примале професори спрема потребите, нема ни асистенти. Очекуваме во новиот Закон за високо образование да има меѓу другото член во кој ќе биде регулирано и вработувањето на нов кадар кога некој оди во пензија, веднаш и  по автоматизам на негово место, со  истите обезбедени средстава што ги примал претходниот.Тоа го нема”, изјави Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Недостатокот на наставен кадар, професори и помлади соработници со години претставува главоболка на факултетите, што го доведува во прашање  функционирањето на студиските програми, рече деканот на Филозофскиот факултет при УКИМ.

„Секоја година од три до четири професори заминуваат во пензија. Ако не добиеме согласност, во наредните три години би се довело во прашање функционирањето на студиските програми. Вклучуваме професори, надворешни соработници, за да се надополни таа празнина, ама тоа ни го обременува буџетот, бидејќи нив ги плаќаме од сопствените средстава, изјави Ратко Дуев”, декан на Филозофскиот факултет при УКИМ.

Нови вработувања нема ни на Универзитетот „Гоце Делчев“  во Штип.

„Се надеваме таму каде има потреба од приоритетни вработувања  ќе се решат. За сите што заминале во пензија, нема пополнувања. Три, четири години  нема нови вработувања на универзитетот, изјави професорот Кирил Барбареев”, од универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

На прашањето, колку наставен кадар недостига на универзитетот „Мајка Тереза“, од уставовата одговорија:

Ние сме во завршна фаза на комплетирањето на кадарот со основните 84 наставници и соработници. Дел од конкурсите се завршени, а некои ќе бидат повторно објавени по добивање на обновените согласности од страна на Министерството за финансии”.

Од универзитетот  рекоа и дека имаат  доставено  барање за вработување на административен кадар.

„Имаме многу мал број на административен кадар, така што очекуваме разбирање и позитивен одговор, бидејќи големи се административните обрвски по разни основи, и спрема студентите и спрема другите државни иституции за кои треба компетентни кадри. Ќе мора да се сложиме дека со 20-ина вработени во администрацијата не може да функционира Универзитетот во вакви околности”, подвлекоа од универзитетот „Мајка Тереза“.

 Вероника Мароска–Леова

Извор: https://nezavisen.mk/mk/