Албанската опозиција не гласаше за резолуцијата за преговори со ЕУ

во категорија Регион од

Власта и опозицијата во Албанија се судрија за одлуката на опозициската Демократска партија да не гласа за резолуцијата за отворање преговори со ЕУ. За време на својот говор, албанскиот премиер Еди Рама рече дека резолуцијата за која гласаше само мнозинството е еднострана и поради тоа ќе биде потешко земјите-членки на ЕУ да го поддржат почетокот на преговорите со Албанија. Одлуката на опозицијата да не гласа за резолуцијата, Рама го оцени како невиден чин на неверство.

„Една партија ја напушта салата кога станува збор за резолуција од национален интерес. Со тоа што сами ние гласаме за оваа резолуција се создава проблем за нашиот обид да ги убедиме земјите-членки, бидејќи тоа е едногласна резолуција“, рече премиерот на Албанија, Еди Рама.

Од говорницата на Собранието, лидерот на демократите, Љуљзим Баша истакна дека преговорите со ЕУ нема да започнат не поради нивна вина, туку само поради вина на Еди Рама.

„Сето ова што го гледавте овие минути е очајничкиот обид на ова мнозинство фатено во криминал да остави впечаток на парламентарно-демократска фасада. Вистината е дека Уставот потфрли, дека Кривичниот законик потфрли, дека законот за анти-мафија потфрли, дека законот за проверка на полицијата потфрли. Така ќе биде сè додека Фатмир Џафај и Еди Рама се во своите фотелји“, рече Баша.

Подоцна Љуљзим Баша на неговиот Фејсбук-профил профил објави видео материјал со кој ги повикува граѓаните на анти-владин протест на 26 мај во центарот на Тирана.

Валмира Зендели

Извор: http://www.alsat-m.tv