МНР отвори постапка за однесувањето на Наумовски при посетата на Шекеринска во Вашингтон

во категорија Македонија од

Министерството за надворешни работи започна постапка во врска со однесувањето на македонскиот амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, кој ја бојкотираше посетата на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. Од Министерството велат дека е во тек постапка за расчистување на случајот.

Од таму додаваат дека амбасадата во Вашингтон била информирана за посетата на Шекеринска. Наумовски ниту ја пречекал, ниту ја испратил делегацијата на Министерството, односно воопшто не стапил во контакт со нив. Од МНР посочуваат дека тоа е недозволиво за толку значајна посета.

Шекеринска претходно го искритикува однесувањето на Наумовски.

„Јас во Вашингтон во еден момент помислив дека немаме амбасадор бидејќи не го видов ниту службено, ниту на почетокот, ниту на крајот на посетата. Сметам дека тоа е скандалозно однесување затоа што на нашиот амбасадор не му пречи секој први во месецот да добива плата од оваа влада. Меѓутоа вие да отспиете посета на Пентагон која не се случила во 6 години, тоа прво зборува за дипломатскиот калибар, но зборува и за неодговорноста кон вршење на функцијата – рече Шекеринска.

Таа најави дека за ова однесување на амбасадорот ќе го информира и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

/Фокус.мк/