Мнозинството бара достоинствено „приземјување“ на Богов

во категорија Eкономија/Бизнис/Македонија од

На адреса на гувернерот мнозинството упатува забелешки за партиски вработувања и негово кокетирање со претходната власт. Богов, пак, смета дека погрешил само еднаш.

Не би било добро гувернерот Димитар Богов да биде изложен на непријатна ситуација, бидејќи во парламентарното мнозинство нема расположение тој да биде поддржан за нов мандат. Вака од мнозинството објаснуваат зошто се потребни нови консултации, односно, зошто не е добро предлогот на претседателот Иванов да биде ставен на дневен ред во Собранието. Забелешките ги ставаат главно на контото на „блискоста на гувернерот со претходната владејачка гарнитура, неговата пропустливост за голем број вработувања на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ по партиска линија а не според стручност, апологетство кон поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и отсуство на каква било стручна критика кога тоа било неопходно“.

Заев: Мнозинството има забелешки

Дека мнозинството има забелешки, потврди и премиерот Заев, кој вчера на негово барање се сретна со претседателот Ѓорге Иванов.

„Се трудам да изнајдеме решение. Сегашниот гувернер сериозно го почитувам и јас, и огромен дел од парламентарното мнозинство. Но, тие имаат забелешки, коишто ги истакнаа пред мене и јас ги пренесов кај претседателот Иванов. Не зборувам за деталите. Богов, кој 7 години беше гувернер и 4 години вицегувернер, има многу квалитети и капацитети и понатаму да ѝ служи на Македонија“, изјави Заев.

Со Иванов не се договориле за конкретен кадровски предлог, но се согласиле дека не е добро за имиџот на државата Народна банка да остане без гувернер и дека тој треба да се избере во законскиот рок. Решението ќе се бара до 20 -ти мај кога истекува мандатот на Димитар Богов. Засега не е извесно дали шефот на државата ќе отстапи од својот предлог, за кој, како што соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов го информирал Заев на средба на 26-ти март годинава. Тогаш на премиерот му ги образложил ставовите и аргументите зошто смета дека Димитар Богов најодговорно ќе ја извршува таа значајна функција. Откако актуелниот гувернер дал согласност за нова кандидатура, Иванов на 25-ти април остварил нова средба со Заев, на која го информирал за тоа. Според Кабинетот, Иванов пред да ја донесе одлуката за предлог на гувернер, во февруари и март извршил консултации со Сојузот на стопански комори, со Стопанската комора на Македонија, со Здружението на банкарството, со МАНУ и со други институции и поединци, и на сите средби било утврдено дека Богов е најдоброто решение за гувернер.

Обвинувања за партиски вработувања

Дали на Богов ќе му пресуди кокетирањето со ВМРО-ДПМНЕ, а не макроекономските показатели? Тој уште по стапувањето на гувернерската функција го предизвика незадоволството на тогаш опозициската СДСМ, кога за вицегувернер ја предложи 33-годишната Маја Кадиевска. Од СДСМ регаираа дека таа нема искуство и дека Богов ги прескокнал нејзините раководители кои се далеку поискусни и постручни. Од СДСМ тогаш прашаа – дали е тоа избор на Богов или на партијата, со оглед дека таа е ќерка на Душко Кадиевски, поранешен министер за убрбанизам во Владата на Љубчо Георгиевски. Богов и тогаш, и потоа, тврдеше дека Кадиевска ја оправдала неговата доверба. Од тогаш до денес, СДСМ реагираше и за голем број други вработувања со предзнак „партиски“, од кои најголемо внимание предизвика вработувањето во НРБМ на ќерката на тогаш актуелниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Од НБРМ го одмолчеа и не го коментираа тоа вработување, сѐ до неодамна, кога Богов во тв-интервју за првпат се изјасни за тој случај. Но, го претстави како единствен во неговиот мандат.

„Погрешив. Сега кога би размислувал, не би го направил тоа. Но, знаете како е. Ако некој ви се јавува еднаш ќе му кажете, ќе се обидете некако културно да го одбиете. Но ако се јави втор пат, трет пат, а е претседател на Собрание, што да правиме… Но, тоа е еден случај. Знаете ли во Народна банка колку деца на функционери се примени во минатото?“, рече Богов, во намера да објасни дека не бил единствниот што погрешил.

Од владејачкото мнозинство набројуваат многу повеќе имиња кои во изминатиот период биле „вдомени“ во НБРМ, и велат дека сите ќе ги посочат ако овој предлог за гувернер се најде на гласање во парламентот.

НБРМ со позитивни оценки од ЕК

Од Кабинетот на шефот на државата, претходно потенцираа дека Иванов се водел исклучиво од квалитетот и професионалноста на личноста која ја предлага за гувернер.

„Водењето на монетарната политика и севкупното централнобанкарското работење во нашата држава, во континуитет е позитивно оценувано во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Од 2015 година па наваму, Народната банка на Република Македонија, според оценките на ЕК бележи одличен напредок во остварувањето на своите цели и задачи, во согласност и со законодавството на ЕУ. Во тој контекст особено е нотирано постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност, одржувањето на девизните резерви, одржувањето на фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото и користењето на операциите на отворениот пазар и задолжителната резерва. Позитивно се оценува и усогласувањето на правната рамка на монетарната политика со легислативата на ЕУ, и активностите за обезбедување на функционална и институционална независност на централната банка“, се вели во соопштението.

Пред гувернерската функција, Богов девет години бил на раководни позиции во јавниот сектор, една година во областа на деловните консултантски услуги и четири години на висока раководна функција во најголемата македонска банка. Работел како раководител во Државниот завод за статистика и во Министерството за финансии, каде што бил одговорен за изготвување макроекономски статистики, економска анализа, макроекономско планирање, предлози за економската политика и бил вклучен во преговорите со ММФ. Од 2002 година до јануари 2007 година работел како главен економист во „Стопанска банка“ АД Скопје, каде што бил одговорен за изготвување економска и пазарна анализа, деловно планирање, управувачко сметководство и управување со ризиците. Од 2007 до 2011 година ја извршуваше функцијата вицегувернер на НБРМ.

/DW/