Последниот роб

во категорија Култура од

Класичниот роман на Зора Нил Хрстон „Нивните очи го гледаа Бога“ беше критикуван од критичарите кога беше објавен во 1937 година, поради книжевното претставување на бујна женска сексуалност и (наводно) аполитични теми, како и употребата на црнечкиот дијалект, „мистрелска техника што ги засмејува белите луѓе“, вели Валчр.

Шест години претходно, Хрстон се обиде да објави друга книга на дијалект, стручно дело наречено „Баракун“.

„Баракун“ е книга заснована на тримесечни повремени интервјуа со човек по име Куџо Луис – или Косула, неговото оригинално име – последниот преживеан од последниот брод што допловил до американските брегови. Поејќи го со праски и вирџиниска шунка, лубеница и прав против инсекти, Хрстон ја извлекла неговата приказна. Косула бил заробен на 19-годишна возраст во областа позната како земја Бенин кај воините од соседното племе Дахомија, потоа измарширан до баракун на западноафриканското крајбрежје. Таму, тој и околу 120 други биле купени и втерани на Клотилда, чиј капетан бил Вилијам Фостер, а го управувале тројца браќа од Алабама на патувањето во 1860 година.

По преживувањето на Средниот премин, заробените под превезот на мракот биле прошверцувани во гратчето Мобајл. Во тоа време меѓународната трговија со робови веќе 50 години била нелегална во Соединетите Американски Држави, а за овој потфат се шпекулирало дека бил инспириран кога еден од браќата, Тимоти Мехер, се обложил дека може да го изведе без да биде „обесен“. (И навистина, никој никогаш не бил казнет.) Куџо работел како роб на доковите на реката Алабама, пред да биде ослободен во 1865 година и да живее уште 70 години: преку реконструкцијата, повторното угнетување под владеењето на Џим Кроу, почетокот на депресијата.

Кога Хрстон се обидела да го објави „Баракун“ во 1931 година, не можела да најде купувач. Имало загриженост меѓу „црните интелектуалци и политички лидери“ дека книгата непријатно го посочува африканското учество во трговијата со робови, според предговорот на книгата од романсиерката Алис Вокер, која конечно е објавена во мај. Вокер повторно му ја претставила на светот заборавената Зора Нил Хрстон, која во 1960 година умрела без пари и осамена, во есеј во списанието „Мис“ во 1975 година. Како што пишува Вокер, „Кој би сакал да дознае, преку детално опишување на настаните, како африканските шефови намерно ги фаќале Африканците од соседните племиња, за да предизвикаат освојувачки војни заради трговијата со робови. Ова е, бидете сигурни, ужасно четиво“.

Еден издавач, Вајкинг прес, рекол дека со задоволство би ја прифатил книгата, под услов Хрстон да ја напише отпочеток „не на дијалект“. Таа одбила.

Обесхрабрената Хрстон преминала на други проекти, а ракописот за „Баракун“ завршил во нејзините архиви во Универзитетот Хауард. Сè до пред неколку години, односно кога фондацијата „Зора Нил Хрстон“ доби нова книжевна репрезентација: дали какви било необјавени богатства се оставени во архивата? се прашуваа агентите.

Зора Нил Хрстон во почетокот на 1930-тите, во периодот кога го интервјуирала Куџо Луис

Можеби биле потребни 87 години за „Баракун“ да ја види светлината на денот, но Валери Бојд, која ја напиша добро прифатената биографија на Хрстон наречена „Обвиена во виножита“ во 2003 година, смета дека тајмингот е совршен за писател „чиешто животно дело било да го документира и да го слави животот на обичните црнци“. „Имаме отворен фанатик во Белата куќа“, вели Бојд. „Многу поангажирани сме со расните прашања, со движењето на отпорот. Една книга како Баракун вели: ‘Да, животите на црнците се важни. Тие отсекогаш биле важни’.“

Хрстон се чини дека претпоставувала дека секој што е во заблуда би се разбудил ако на Афроамериканците им се дозволи да ги раскажат своите приказни. (Во еден од нејзините одлични цитати, таа напишала дека секогаш се чувствувала „запрепастено“ кога луѓето ја дискриминирале: „Како можат да се одречат од задоволството на дружењето со мене? Не ми е јасно“.) Еве сцена од еден од нејзините почетни разговори со Косула:

„Сакам да знам кој сте и како сте станале роб; и во кој дел од Африка припаѓате и како сте служеле како роб и како сте успеале како слободен човек?“

Неговата глава некое време беше наведната. Потоа го крена своето влажно лице: „Фала ти, Исус! Некој дојде да праша за Куџо! Сакам да кажам на некого кој сум, па можда тој еден ден ќе оди во Африка и ќе го кажува моето име, а некој ќе каже: ‘Да, го знам Косула’.“ (Thankee Jesus! Somebody come ast about Cudjo! I want tellee somebody who I is, so maybe dey go in de Afficky soil some day and callee my name and somebody dere say, ‘Yeah, I know Kossula.)

Извор:https://www.mkd.mk/