Ердоган кандидат на „Народната алијанса” на претседателските избори во јуни

во категорија Свет од

АНКАРА (AA) – Турскиот премиер и потпретседател на Партијата на правдата и развојот (АК Парти) Бинали Јилдирим и претседателот на Партијата на национално движење (МХП) Девлет Бахчели денеска упатија барање до Врховниот изборен совет на Република Турција (YSK), за кандидатура на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како заеднички кандидат на „Народната алијанса” на претседателските избори на 24 јуни, јавува Anadolu Agency (AA).

Владејачката Партија на правдата и развојот (АК Парти), чиј претседател е Ердоган, и МХП, претходно договорија заеднички настап на претседателските и парламентарните избори, под називот „Народна алијанса”.

Откако денеска заедно упатија барање до Врховниот изборен совет, според кое Ердоган е заеднички кандидат на претседателските избори, премиерот Јилдирим одговараше на новинарски прашања.

Истакна дека денеска е историски ден за Турција и дека е направен нов чекор на патот за еден стабилен систем на управување во земјата.

Говорејќи за претседателскиот систем на водење држава, Јилдирим истакна дека тој дава можност на заедничко делување на партиите кои делат исти ставови кога станува збор за земјата и народот. Исто така, нагласи дека овој систем ќе ја зајакне политиката и управувањето на земјата.

„Ние во овие избори влегуваме под најсилен покрив. Нашиот покрив е народот, нашата алијанса е со народот. Додека го одредувавме нашиот кандидат, нашата главна цел беше светлата иднина на Турција, благосостојба и среќа на нашиот народ. Во таа смисла, нашиот кандидат го одредивме на начин како што тоа го покажа нашиот народ. Претседателот Реџеп Таип Ердоган на изборите ќе настапи како заеднички кандидат на Народната алијанса”, рече Јилдирим и додаде:

„Одлуката која ја донесовме заедно со претседателот на МХП Девлет Бахчели, нека биде со среќа за нашата земја, нашиот народ, политичкиот живот и нашиот кандидат, претседателот Реџеп Таип Ердоган”.


Извор:http://aa.com.tr/mk/