Де Лаурентис: Немаше кражба во Милано, сами сме виновни што ни снема „гориво“

во категорија Спорт од


Аурелио Де Лаурентис никогаш не се штедел за критики на адреса на Јувентус и неговото раководство, посебно кога неговиот Наполи е лут ривал на „бјанконерите“ во борбата за скудетото.

Но, првиот човек на Наполи во својата последна изјава на поинаков начин ги коментира последните случувања, киксот на неговиот тим во Фиренца, но и контроверзното дерби меѓу Интер и Јувентус. На новинарското прашање дали шампионатот е „украден“ со одлуките на „Џузепе Меаца“, АДЛ вели:

– Не би рекол дека може да се коментира на таков начин. Се работи за несфатливи замени на Спалети, посебно на Икарди, иако е јасно дека е потешко да се игра со фудбалер помалку. Што се однесува до другото, Јувентус не украде ништо, ВАР технологијата и во досегашните кола не се користела или се користела погрешно, но ние можевме да имаме поголема предност пред ривалите.

Тогаш што е причината за падот на Наполи?

– Уште од почетокот на сезоната требаше да предвидиме вакво нешто, затоа што игравме плејоф за Лигата на шампионите. Тоа што сезоната ја започнавме рано, значеше дека може да ни снема гориво во април, а тоа можевме да го избегнеме ако ги користевме сите фудбалери. Имаме 17 бодови повеќе од третопласираната екипа и 24 кола бевме во водство, па моравме некои фудбалери да ги одмораме и да ги чуваме свежи за во завршницата. Но, тоа не се случи. Ете го и примерот со Гулам, ако не се повредеше посериозно, немаше да дознаеме дека Марио Руи е одличен фудбалер, – вели Де Лаурентис индиректно обвинувајќи го тренерот Маурицио Сари за погрешната стратегија.

Првиот човек на Наполи директно го обвини Сари и за елинимацијата во Лига Европа.

– Јас не би се откажал од европските купови, а тој денот пред натпреварот изјавуваше дека играњето во Европа му е речиси неважно. Можам да замислам какво влијание имало тоа врз фудбалерите, – потенцира Де Лаурентис кој има одговор и за прашањето дали Наполи ќе ја продолжи соработката со Сари.

– Ние продолжуваме, со или без него, зависи од неговата одлука. Во моментов ќе го оставам да работи без притисок, сме зборувале многу пати, ако сака да остане ќе ми биде задоволство. Но, може и да реши да ја плати откупната клаузула, тука сум немоќен.

Извор:https://derbi.mk/