Дарија Андовска: Нашето секојдневние е преоптеретено со тривијалности и надреално траги-комични ситуации

во категорија Култура од

Импресивна е професионалната биографија на Дарија Андовска, иако некои сѐ уште ја сместуваат во категоријата „млади композитори“. Таа е млада (родена е во 1979 година), но веќе одамна со своето зрело уметничко творештво се има потврдено и во Македонија и во светот.

Дарија Андовска е на докторски студии во класата на Каја Черновин, Харвард Институт, САД, има завршено магистерски студии во Швајцарија и во Македонија, дипломира како најдобар студент во класата на професорот Гоце Коларовски (1959-2006), работи како вонреден професор на Факултетот за музички уметности, како и на Факултетот за драмски уметности при УКИМ во Скопје, неколку години наназад е во најтесната селекција на најдобрите европски композитори, компонира музика за театар, филм, за уметнички перформанси, нејзини композиции се објавени на компилациски изданија, а има и издание со свои композиции. Двојна добитничка е на наградата „Виртуози“ (2013 и 2015) за најдобра композиторка. На годинашните Денови на македонска музика ја доби наградата „Панче Пешев“ на Сојузот на композиторите на Македонија за најзначајни достигнувања во областа на музичкото творештво.

Во секојдневниот живот таа е без „влакно на јазикот“. На социјалните мрежи реагира брзо, точно и со убиствена смисла. Неодамна напиша: „А бе дечки, толку ли е тешко да се стават соодветни луѓе на соодветни работни места, секој да го работи она што најдобро го знае и да е соодветно платен, па конечно да мрднеме од мртва точка? М? Толку ли е тешко? Толку ли не ја сакате оваа измачена земјичка?“

Со својата работа, и педагошка и композиторска, постојано ја потврдува љубовта кон професијата што ја одбрала, а со успесите што нејзините композиции ги постигнуваат низ светот ја потврдува својата љубов кон „земјичкава“, бидејќи сето тоа го прави во име на Македонија.

По минатогодишно гостување во Кина, па концертот со уште пет балкански композиторки есента во Атина, а пред крајот на годината и изведбата на твои дела во камерната сала на Македонската филхармонија. Се изведоа твои дела и на други фестивали во различни држави. Што најсилно остана во твоето сеќавање од тие настани?

Од сите настани минатата година, а навистина ги имаше многу, сепак најдраг ми е моментот кога Корнелија Конеска ми се јави од Биеналето во Венеција да ми каже дека имало балетски перформанс под наслов „Reconte Moi“ од Emmanuelle Bloy, Brunella Gattolin и Петронија Макавеева на мојата композиција „Калипсо“ – неверојатно е чувството кога ќе дознаеш дека твоето дело има самостоен живот. Не ги познавам овие дами, ниту тие мене – едноставно ја нашле композицијата, им се допаднала и им проговорила. На истиот принцип Корнелија дознала дека станува збор за моја композиција – по перформансот ги прашала за музиката, а тие ѝ го кажале моето име.

Дарија Андовска меѓу композитори и оркестарот на Забранетиот град во Пекинг (2017)

Се разбира, особено ми е драга селекцијата на „Liquid-Crystal“ во Јута, каде се одбрани само 6 композиции од Европа од над 1.000 пристигнати од цел свет, селекцијата на гудачкиот квартет „Илуминации“ за Трибината на композитори во Белград (во конкуренција од над 400 композиции), ми импонираше насловот на концертот во Софија „Жени – композитори кои мора да ги знаете“, вистински силно доживување беше изведбата на „Heavenly Questions“ од Камерниот оркестар на Забранетиот град во Пекинг, изборот на мојата „Intervowen“ во темелно селектираните 2 композиции од 16 композитори од Европа за изведба на самитот во Шангај, концертот во Линебург… Маркантни случувања се сите, но најдраго ми е изненадувањето 🙂

Потоа дојде наградата „Панче Пешев“ на СОКОМ за најзначајни достигнувања во областа на музичкото творештво. Наградата е во вистински раце, тоа го знаат сите музичари, композитори, изведувачи. Колку наградите успеваат да ја популаризираат современата музика и во пошироки сегменти на општеството? Имено, ти си една од најуспешните композиторки во Македонија.

Наградите се секогаш убава потврда за веќе постигнатото, но не можат да ги симнат самонаметнатите естетски и интелектуални ембарга на публиката. Луѓето мислат дека треба да одат онаму каде нема да им се предизвика интелектуалниот капацитет или, во превод, онаму каде нема да се оптеретат.

Уметноста (со тоа и уметничката современа музика) ако не предизвикува, изместува, голицка, дразни, продлабочува, изострува, ќе влезе во доменот на забава. Кај нас разонодата е некако најбарана и јасно е зошто е така, имајќи ги предвид сите околности. Пошироките сегменти на општеството не може и не треба да ги опфати уметничката музика, зашто за да навлезе таму треба да го задоволи вкусот на широката публика и при тоа да не ѝ го наруши комодитетот, а во тој случај би се нарекувала популарна музика.

Како што вели Пикасо, уметноста ја брише прашината на секојдневниот живот од душата. Нашето секојдневние е преоптеретено со тривијалности, надреално траги-комични ситуации и со тешки, историски случувања. Разбирливо е зошто публиката бара нешто кое, од една страна, нема да бара голем интелектуален и емоционален ангажман, а од друга страна да биде спакувано како уметнички производ, за оправдание пред себе. Но, да не биде дека не е приметено, сепак има зголемен интерес во однос на претходната состојба.

Дарија Андовска со наградата „Панче Пешев“ (2018)

Имам чувство дека на Денови на македонска музика оваа година секоја втора вечер се изведуваше некоја твоја композиција. Колку точно композиции беа изведени и во кој период беа создадени?

Па не баш. Веќе 3 години немам изведба на акустична композиција, беа презентирани само акузматски композиции, па и оваа година немаше да биде така доколку младите ентузијасти и уметници од ФМУ не ја ставија на програма мојата композиција „Молитва“ за глас и пијано, содадена пред 20 години.

Дури и онаа композиција, која беше ставена на програмата за концертот на акузматска музика, „ТhERanatOS – operative system“ (2015) не е замислена како самостојна композиција за ваков начин на прикажување. Таа е дел од крупно музичко-сценско дело (кое, иако наградено од Министерството за култура, по сѐ изледа нема да доживее праизведба тука), каде минимум недостига симфониски оркестар при изведбата, иако и вака функционира задоволително и доби многу убава критика.

Практично, има ли некаква рамка колку композиции годишно можат да се напишат, независно дали ќе доживеат јавна изведба?

Тоа е, речиси, невозможно да се определи. За секој композитор, секој процес и секоја композиција временските рамки се различни. Се случува со неверојатна брзина да напишам некои композиции, но на сметка на тоа истражувањето и процесот на обмислување да трае со години.

Некои па други просто како да се симнуваат од небесата неосетно. Со некои композиции се мачиме подолго време (и тие мене и јас нив) додека не го најдеме вистинскиот модус на взаемна комуникација.

Некогаш се 6-7-8 композиции годишно, што е навистина обемна работа и на граница со физички невозможно, а некогаш е само една композиција, што секако не го намалува габаритот на трудот и вложеноста.

Со изведувачите на авторскиот концерт во Македонската филхармонија (2017)

Учествуваше ли на поништениот Конкурс за нови композиции на Министерството за култура? Кој е твојот коментар за таа ситуација?

Не учествував минатата година бидејќи сметам дека во една толку мала државичка, каде сите се знаеме, не може да биде комисијата домашна и при тоа резултатите релевантни. Освен тоа, не сакам себеси да си дозволам да учествувам на конкурс за композиција каде ниту еден член од жирито не е композитор. Поскоро ќе учествувам на конкурс за поезија.

Ако навистина конкурсот е креиран за да се зголеми квантитетот, а со тоа и квалитетот на македонското музичко творешто, тогаш не смее условите на конкурсот да дозволуваат некомпетентна комисија (со цела почит за колегите кои учествувале, но тие не се композитори) – сѐ останато, според мене, е манипулација со финансиската поддршка, без оглед на резултатите.

Често ги коментираш и состојбите во општеството.. толку многу не ја поднесуваш неправдата или има премногу неправда во општествово?

Да и да. Кој може да поднесе неправда, освен оние кои фино пливаат во матно? Кој може да поднесе неправда, освен оние кои веќе се задолжени со незаслужена позиција и/или замолчени со застрашување? Имало и ќе има неправди, но благодарение на социјалните мрежи, сега сме во можност да бидеме слушнати, а и следени (нож со две острици), но тоа отвора простор за евентуални корекции, доколку одговорните се доволно доблесни и совесни. Треба и мора да се биде општествено свесен и одговорен, треба да се критикува гласно и конструктивно (со акцент на конструктивно), а треба и да се пофали она што е добро.

На Фејсбук неодамна коментираше: „Ах, рамковните вработени– со години си бркаат работа (или си лежат и уживаат), додека златни деца, способни и интелигентни не можат да најдат работа бидејќи се доволно чесни да не го пројдат школувањето на име на мама/тато/стрико и да не бараат работа со партиска книшка и/или националност, туку врз основа на квалификации. Дечки, нема граѓанско општество вака.“ Зошто?

Зашто сум против позитивна дискриминација. Зашто платата се заработува – корен на зборот е „работа“, а не етничка припадност. Зашто сметам дека во здраво општество секој треба да се труди да стане најдобрата верзија на себеси, да си го најде соодветното место и да го работи она што најдобро го знае, за да можеме да напредуваме колективно.

Андовска со театарската екипа на „Еднаш свет изградив“ (2018)

Ја компонираше и музиката за претставата „Еднаш свет изградив“ во Театарот за деца и младинци. Колку светот на Сидарта се разликува од овој во кој живееме? Успеваме ли да се спознаеме себеси?

Светот на Сидарта е и овој во кој живееме, нема суштински разлики, освен евентуално дека овој сегашниот е побрз, па поголема е можноста да се изгубиме и загубиме. „Спознај се себеси“, рекол Сократ пред милениуми. Дали успеваме е прашање на личната заложба и инвестиција во сопствениот развој, кој е неизоставен дел од себеспознанието. Можеби има влијание и на сплетот на околности, но тоа не е пресудно. Сепак е тоа секојдневен процес кој трае до крајот на животот.

Компонираш музика за филм, театар, танц. Кој е следниот настан каде ќе може да се слушнат твои композиции?

Во секој случај, огромна е веројатноста дека тоа нема да биде Македонија. Барем еднаш месечно има изведба на моја композиција некаде во светот, додека во Македонија тоа е најчесто еднаш годишно, за време на Денови на македонската музика. Но, можеби токму оваа година е исклучок кој го потврдува правилото, па после бројните концерти и изведби на Денови на македонската музика, фестивалот „WomenScream“, изведбите на „Еднаш свет изградив“ и изведбите на студентите од Факултетот за музичка уметност – Скопје, мислам дека најскоро (во мај) е перформансот во кореографија на Елена Антонова Петровиќ, наречен „Оперативен систем“, креиран врз три мои композиции.

Твојата музика ја дефинираат како модерна, електроакустична, акузативна со користење ленти.. како лично ја дефинираш својата музика, како се создаваат композициите во твојата глава?

Не сум сигурна дека сакам да ја дефинирам токму поради можноста да се ограничи преку тоа, но знам дека располагам со широк спектар на изразност. Она кое ми е најбитно е, пред сѐ, да сум до коска искрена во она што го правам и музиката да комуницира на емоционално и енергетско ниво, дури и кога публиката застанала со својата естетска приемчивост во 19-тиот век.

Композициите знаат да започнат со чувство, енергија, слика, некогаш звучен „облак“, па и со драматуршка архитектоника која сакам да ја пренесам, по што следи често долг процес на истражување и кристализација на мислата, како би можела да најдам соодветни музички изразни средства за прецизно да го артикулирам записот.

Твои композиции веќе се објавувани на компилациски изданија. Што значи за еден композитор објава на ЦД со негова музика?

Во денешно време е само еден убав артефакт, со повремена функција на визит-карта. Благодарение на сите можности кои ги отвора глобалната комуникација преку интернетот, во која достапноста е приоритетна и сѐ е само на еден клик оддалеченост, носачите на звук си ја губат функцијата на дистрибутер за музика и преоѓаат во драги мемента или подароци.

Тони Димков

Фотографии: лична архива

Извор:https://www.mkd.mk/