Во Скопје започна јубилејното 30. издание на Саемот на книгата

во категорија Култура од

СКОПЈЕ (АА) – Во присуство на бројни љубители на пишаниот збор, претставници на дипломатскиот кор во земјата и владини претставници, вечерва во Скопје во ВИП арената „Борис Трајковски” беше официјално отворено јубилејното 30. издание на Саемот на книгата кое ќе трае до 9 мај оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).

Саемот на книгата се одржува во организација на „Скопски саем”, а под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.

На годинашниот саем најавено е учество на околу 70 издавачки куќи од Македонија и од земјите од регионот.

Министерот за култура на Република Македонија Роберт Алаѓозовски, прогласувајќи го Саемот на книгата за отворен рече дека овој саем е најпосетувана и најпопуларна културна манифестација во Македонија која има меѓународен карактер со отворен визионерски дух кој не познава граници.

„Илјадници посетители деновиве ќе најдат четиво што ќе ги испровоцира, едуцира и ќе ги однесе во нови светови затоа што книгата со своите универзални пораки е еден од најважните столбови на слободата и слободното изразување”, истакна Алаѓозовски.

Писателот и членот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) Луан Старова во своето обраќање рече дека денеска е храброст да се брани книгата и нејзиното преживување и дојстоинство во времето на глобализацијата, кога, како што рече, бргу исчезнуваат творците и создавачите на книгите.

„Книгите не умираат. Тие може физички да исчезнат но не и пораките што ги оставаат. Тие се вкоренети во духот на луѓето за да расцутат повторно во нови книги, збогатувајќи го животот со нови содржини. Народите ги создавале јазиците, големите автори ги усовршувале и овековечувале во нивните книги”, порача Старова.

Министерството за култура соопшти дека на ова јубилејно 30. издание на Саемот на книгата се очекува зголемено присуство на посета и да ја надмине бројката од редовните 40.000 посетители. Издавачките куќи најавија дека ќе ги претстават своите најнови изданија, како и голем број на промоции и средби со автори.

Работното време на Саемот е од 10:00 до 20:00 часот.


Извор:http://aa.com.tr/mk/