Александар В. Настески – трагач по ликовно – наративни композиции кои потекнуваат од пред 10-тина илјади години

во категорија Култура од

Александар В. Настески (1948) завршил Педагошка академија во Скопје и Академија за применета уметност во Белград. Досега реализирал 31 самостојна изложба во земјава и странство и учествувал на заедничките изложби на ДЛУМ и ЗЛУТ. Учествувал на меѓународни изложби во Париз, Кањ-сур мер во Франција и во Капо ди Понте, Италија. Живее и работи во Тетово, а на 8 мај ќе се претстави со 20 дела работени во техника акрилик во рамките на изложбата „Ѕвезди над карпите 2“, која ќе биде поставена во Културно-информативниот центар во Скопје.

Тематската изложба „Ѕвезди над карпите“, овојпат со нејзиниот втор циклус, како да стана ваша постојана опсесија. Што повеќе ве привлече, ѕвездите или карпите?

Мојата изложба „Ѕвезди над карпите 2“ е втора по ред под овој наслов, а најнапред беше љубопитството, барањето на инспирација, потоа се случија карпите со нивните прекрасни гравири, пиктажи и релјефи и подоцна се појавија и ѕвездите, а сега постанаа нераздвојно споени.

Кога првично се сретнавте со праисториската карпеста уметност во Македонија?

Првично се сретнав со карпестата уметност на мои 10-тина години, кога со моите другарчиња се искачувавме на Голем Камењ Зубоски за да го видиме копитото на Марковиот Шарец. Тоа остана неизбришиво во моето сеќавање, но се разбира, јас тогаш немав никаков поим за карпестата уметност. Многу подоцна пред 18-сет години повторно се присетив на тие детски денови и почнав да истражувам најнапред на Шар Планина, па потоа пошироко низ цела Македонија. Се случи да нема село кое нема некоја карпа со Марково име, како на пример: Маркоа Карпа, Марков камен, Маркоа нога…

Каде и како ги откривате гравирите, пиктажите и релјефите на Шар Планина?

Легендите за Крали Марко се скоро секаде слични или идентични, тој вечно скокал од Шар Планина кон Сува Гора и оставал некаков траг на карпите и морав да се запрашам зар немал друга попаметна работа тој крал? И затоа ги обновив моите знаења од праисторијата и историјата на уметноста и веднаш увидов дека се работи за нешто сосема друго.

Всушност, се работеше за праисториски артефакти, траги за постоењето и битисувањето на нашите дамнешни предци. Пронајдов многубројни знаци: купули – длапки, кругови, крстови, триаголници, животни, човечки фигури и стапалки кои не беа осамени како знаци туку групирани и создаваа вистински ликовно – наративни композиции, кои потекнуваат од пред 10-тина илјади години.

Велите дека тие се оставнина од далечните претци кои живееле на ова тло. Како истите се толкуваат во науката?

Овие прекрасни уметнички дела се оставина од нашите далечни предци кои живееле на овие простори и тие ни кажуваат за нивните обреди и верувања, за барањето на смислата на животот и нивното сфаќање за поредокот во светот.

Тие се симболи за Мајката Земја и Таткото Сонце, за родноста во Природата, кај растенијата, животните и луѓето и се наше непроценливо историско, културно, религиозно и философско наследство. И на крајот, бесмислено е да се затвораат очите пред овие факти, додека во светот сличните пронајдоци се под заштита на УНЕСКО.

Откритијата во два наврати ги претставивте на светската научна јавност на светскиот Симпозиум Валкамоника во Италија, а оваа година ќе учествувате и на Конгрес на ИФРАО. За каков вид организации станува збор и што точно е ИФРАО?

Моите откритија од карпестата уметност во два наврата ги претставив на престижниот светски Симпозиум Валкамоника со свој труд и со самостојна изложба. Овој Симпозиум се одржува секоја втора година во малото градче во Северна Италија, Капо ди Понте.

На тој Симпозиум се повикуваат најпознатите археолози и истражувачи од карпестата уметност од целиот свет кои имаат нови пронајдоци на оваа тема. Валкамоника значи Долина на Камоните (тоа е името на племето) кое живеело на тие простори во праисторијата. Тој Симпозиум е организиран од Центарот за праисториски истражувања со кој раководи еден од најпознатите живи археолози, антрополози, доктор на науки проф. Емануел Анати. А оваа година ја имам таа среќа прв пат да бидам примен на конгрес на ИФРАО со свој труд. ИФРАО е кратенка од Интернационална федерација за карпеста уметност, каде што членуват огромен број земји од целиот свет.

Во вашите дела правите спој на откритијата и уметноста, а во уметничките дела има мотиви од праисторијата, митовите за Млечниот пат, вселенските летала од Месопотамија и од фреските од средновековието, како и најновите сознанија за Вселената и за нашата галаксија. Каде запира теоријата, а каде работи фикцијата?

И токму тие релјефи од праисторијата, машките и женските глинени фигурини, митовите за Млечниот пат, вселенските летала од Месопотамија, како и оние од фреските од средновековието, гравирите на ѕвездите и Сонцето во малата пештера на Шара, карпата со стапалата и спиралата, како и најновите сознанија за вселената и за нашата галаксија си го најдоа своето место во моите најнови дела.

Во моите дела теоријата и фикцијата се нераскинливо поврзани, но се поставува прашањето од каде тоа го знаеле тие дамнешни предци? Секако дека самите тешко би можеле да имаат сознанија за нашата галаксија и за вселенски летала и најверојатно имале помош од некој друг – а тие биле нивните „богови“ кои денес се познати под името древни вонземјани – дамнешните ѕвездени патници – космонаути, кои по се изгледа биле овде од памтивека и од пред тоа. А тоа значи дека не сме сами во овој бескраен таинствен и несфатлив Космос

Живеете и работите во Тетово, а се чини дека комуницирате со целата Вселена. Каде најспокојно се чувствувате, во ателје, во планина, меѓу ѕвездите?

Секаде се чувствувам прекрасно, творечки би рекол, но требаше да изодам и сѐ уште го одам, еден долг, напорен и трнлив пат, па да стигнам до ѕвездите, а тие се многу далеку, но и многу блиску: тука во Малата пештера на Шара, но и во нас самите!

Што точно и со колку слики ќе претставите на изложбата во КИЦ во Скопје?

На оваа изложба во КИЦ ќе се претставам со 20 слики од голем формат во техника акрил на панел, кои настанаа последниве 10-тина години. Во моите слики има нагласен ритам од форми и бои, симболика, многу ликовна драматика и треперења, а најмногу искрен пристап кон оваа проблематика со желба дека овој мој мал и скромен обид ќе придонесе за подобро осознавање за нас и нашиов свет.

Овие слики се мој обид на мој начин да ја претставам неверојатната, несфатливата епска моќ на Вселената и Природата во нејзиното создавање, катаклизмичко самоуништување и пресоздавање, кое нешто за нашиов човечки ум, веројатно, ни приближно не е поимливо.Но, по се изгледа е сеприсутно во целава наша позната и непозната Вселена.

Тони Димков

Извор:https://www.mkd.mk/