Кабадајас: Колку повеќе свириме, толку повеќе се наоѓаме себеси

во категорија Култура од

Бендот „Кабадајас“ е трио од музичари со голем професионален багаж зад себе, Џоле Максимовски на бас-гитара, Дино Милосављевиќ на тапани и перкусии и Зоран Костадиновски на гитара. „Од понеделник“ е нивен втор албум. Првиот албум е со наслов „IV“, издаден е 2012 година од „Баги Комуникации“. Новиот албум е снимен во „Тра Ла Ла“ кај Мите Димовски, „Вода Медиа“ – Павле Васиљевиќ и „Алшар студио“ – Ивица Јанкуловски.

Специјални гости на албумот „Од понеделник“ се вокалистките Марија Димитријевиќ со нумерата „Втора средба“ (тема земена од бендот „Пасквелија“) и Светлана Јовановска Трајкоска со „Летаме“ и Павле Васиљевиќ на клавијатури. Гости на концертот ќе бидат вокалистките Марија Димитријевиќ и Светлана Јовановска Трајкоска, виртуозот на перкусии Ратко Даутовски и Трајче Велков на труба.

Која е личната приказна во „Кабадајас“ на секој од вас во однос на првичната средба како трио да функционирате со веќе 2 објавени албума?

Џоле: Почна како идеја помеѓу Дино и мене. Во тоа време работевме со Горан Бојчевски како гостин на концертите на Влатко Стефановски Трио. Едноставно на една тонска проба на островот Крк, сфативме дека ни иде муабетот додека свириме, а и вон музиката. Без двоумење го викнавме Зоран Костадиновски да ни се приклучи. Така беше ситуацијата на првиот албум.

Вториот албум почнавме да го спремаме како трио, меѓутоа ни се кажа дека работата треба да оди во друга насока. Затоа на „Од понеделник“ гости како вокалисти се Марија Димитријевиќ и Светлана Јовановска Трајкоска. На програминг и синтови е Павле Васиљевиќ.

Зоран: Сo Дино и Џоле се познававме долго време и претходно имавме соработувано во различни проекти. Во една прилика се случи да свириме заедно во џез-таверната во Ресен. Колку што ме служи помнењето, ми се јави Дино за да ме праша дали сум расположен за свирење, а Горан Бојчевски, кој инаку живее и работи во Цеље, Словенија, во тоа време беше во Македонија и ни се придружи на настапот во Ресен. Некако на сите ни се допадна музиката и енергијата што се создаде таа вечер и решивме да снимиме ЦД.

Кој од вас има битолско потекло? Кој е кумот на името на бендот? Зошто „Кабадајас“?

Џоле: Горан Бојчевски е од Битола. Додека го снимавме првиот албум се шегувавме онака, од безврска, бевме инспирирани од еден документарец за битолските кабадаи, филм кој се занимава со анализа на кабадајлукот, чаламењето, кој колку е важен или не е итн. Тоа се некои карактерни црти кои можат да се видат кај некои луѓето во секое маало, село или град. Така и остана името.

Зоран: Од нас тројцата никој. Горан, кларинетистот на првиот албум, има потекло од Битола. Целата приказна со името почна некако на шега, но потоа ни стана симпатично на четворицата и одлучивме да се крстиме така.

Насловот на албумот „Од понеделник…“ асоцира на работите што никогаш не ги завршуваме, односно што постојано ги одложуваме.. колку тоа беше случај и со правењето на новиот албум.. или го искористивте баш како фраза.. колку време требаше да го снимите и објавите албумот?

Џоле: Баш така… За да завршиш некоја работа ти требаат повеќе „од понеделници“. Така и ние, после неколку мали циклуси на понеделничарење, го снимивме албумот. Албумот е во живо снимен во студиото „Тра Ла Ла“ кај Мите Димовски и во „Алшар студио“. Снимањето траеше неколку саати. Само двете вокални нумери се снимени one by one, кај Павле Васиљевиќ.

Зоран: Доста кратко. Имавме по некоја скица од композициите, со неколку проби дилемите околу аранжманите се расчистија и за кратко време влеговме во студио и го снимивме албумот.

Тројцата сте музичари со различен бекграунд.. што е тоа што ги поврзува луѓето (музичарите) да влезат во заеднички проект, да работат во бенд, трио?

Џоле: Морам да те исправам, некогаш свириме како трио, некогаш како квартет, квинтет. Бендот е жива материја. Учесниците во оваа игра ги спојува сличниот сензибилитет, хумор, поимања на работите што се случуваат во музиката и надвор од неа.

Дино и јас свириме заедно од 1995 година. Во „Сет“, „Мозаик“, „Беневентан Трио“, „Алшар“. Со Влатко Стефановски Трио веќе 18 години патуваме по светот и снимаме албуми… Заедно со Триото имаме настапувано со имиња како Стефан Миленковиќ, Теодосиј Спасов, Јан Аккерман… Дино свиреше со „Анастасија“, Кирил Џајковски и со многу други артисти од поп, рок светот. Јас долго време свирев со „Архангел“, „Гаро и Парамециум“, „Мугер Фугер“.

Моментално сум дел од „Темпера“, како басисит и композитор. Зоран Костадиновски е професор на музичка академија. Инаку работи активно на сите проекти на оркестарот на Здружението на Џез-музичари. Го знаеме како гитарист на нашата поп-дива Каролина Гочева… Активен е и како студиски музичар. Така што искуството кое го имаме зад себе ни даде ветар во грб за конечно да направиме и наш заеднички проект.

Зоран: Тројцата сме соработувале и соработуваме со различни луѓе и проекти, но веројатно одлуката да направиме бенд е сличниот музички сензибилитет и хемијата која се случува кога свириме. Особено во живо.

Дино: Бендот произлегува од нашата дружба и компатибилност како ликови, карактери, хумор, сензибилитет и сѐ друго. Прво сме океј како луѓе, а потоа тргнуваат проби, креирање музика и музицирање заедно. Постои одредено ниво на доверба меѓу нас, коешто е многу битно за време на креирањето на музиката и живите настапи. Кога свириме за некого процесот е одреден и имаме некаква улога, што од друга страна не значи дека креативноста недостасува. Ова е нешто каде немаме улога, туку е спонтан процес меѓу нас тројцата.

Џоле: Секој различен бенд и секоја различна музика ни прави нови вијуги во мозокот, и тоа ни одговара. Колку повеќе свириме, толку повеќе се наоѓаме себеси. Право задоволство е да се свири со Зоран. Тој е професор по гитара и, според мене, е џез-виртуоз. Кога со Дино почнавме да свириме со него тоа едноставно беше авантура, нѐ внесе во нови простории во кои требаше и ние да се снајдеме.

Промоција на албумот „Од понеделник“ во „Цреша“

Како беше донесена одлуката албумот да излезе како прв ЦД-проект на „Три гонга“?

Џоле: Со Александар Пејчиновски се знаеме од градов оддамна. Секое наше видување се состоеше од размена на мислења во врска со музиката, разни идеи итн. Така и еден ден кога разбра дека имаме материјал, Александар заедно со сите од „Три Гонга“ ни понудија соработка, како издавачи, во областа на ПР-от, закажување концерти итн.

Фотографиите на омотот на албумот се на Владимир Чоле Чачоровски и се направени во Музејот на современа уметност во Скопје, додека дизајнот на омотот е на Елена Героска.

Тони Димков

Извор:https://www.mkd.mk/