Рециклирањето значи справување со ѓубрето што веќе постои, а нула отпад значи свесно неправење ѓубре

во категорија Култура од

Книгата „Дом со нула отпад“ на македонски јазик е издание на „ВиГ Зеница“ – Скопје. Во 2013 година, кога за првпат е издадена во САД, „Дом со нула отпад“ била единственото сеопфатно четиво за ѓубрето како фактор за (по)едноставен и исполнет живот. Оттогаш е преведена и адаптирана на над 20 јазици, а авторката Беа Џонсон неуморно зборува за придобивките од живеењето со нула отпад и ја „шета“ својата тегла ѓубре низ целиот свет. Предводник на истата мисија во Македонија е Андријана Папиќ Манчева.

Андријана Папиќ Манчева

Со какви предизвик и цел се одлучивте да го преведете и објавите македонското издание на книгата „Дом со нула отпад“ од светски познатата авторка Беа Џонсон?

Сè додека не ја прочитав книгата „Дом со нула отпад“, си мислев дека сè што можам да направам за доброто на животната средина, а со тоа и за себе и за доброто на сите, е да го фрлам ѓубрето во контејнер, да возам велосипед или да се движам пеш и да научам да го селектирам отпадот. Никогаш претходно немав прочитано ваква книга. Ме ококори, ми објасни зошто ѓубрето е толку важно и ме оснажи да преземам нешто. Откако ја прочитав, не можев да престанам да зборувам за нула отпад – па си реков, зошто да бидам една од малкуте што ќе зборува за нула отпад кога може да нè има многу повеќе?

Познато е дека Беа Џонсон минатата година беше гостинка во Македонија (Скопје) и одржа повеќе презентации на својата мисија. Колку објавата на книгата на македонски јазик значи подигнување на нивото во досегашната соработка со авторката и ширењето на нејзината глобална мисија?

Сè поубедена сум дека луѓето што се навлекле на нула отпад, како мене, несебично ги делат сознанијата и зборуваат за нула отпад секаде каде што ќе стигнат бидејќи цврсто веруваат дека нула отпад е чарето за сеприсутното ѓубре и за неодржливите практики чии последици веќе ги чувствуваме. Во намерата да ја преведам книгата истрајав само затоа што сакав за нула отпад да слушнат што повеќе луѓе и одново да сфатат – ко што сфатив и самата – дека ние, потрошувачите, одлучуваме во каков свет ќе живееме, а не системот по чии правила сега играме. Производствените процеси зависат од нашите потрошувачки навики, па зошто не би ги трошеле парите попаметно?

Беа Џонсон на презентација во Скопје

Најавувате дека и Беа Џонсон ќе биде присутна на промоцијата на книгата на 3 мај во „Јавна соба“ во Скопје. Која ќе биде нејзината агенда на активности овојпат?

Многу сакав книгата да се промовира во присуство на нејзината авторка – жената што го смисли живеењето со нула отпад во домот. Книгата е главниот повод за нејзиното гостување, но пред да продолжи кон следната дестинација од турнејата, ќе има време и за муабет, прашања и за потпишување примероци.

Книгата го промовира начелото „не прифаќај, редуцирај, реупотреби, рециклирај, компостирај“ и го доближува концептот „нула отпад“ до просечниот македонски потрошувач. Книгата веќе е преведена на 20-тина јазици низ целиот свет, но колку нејзината мисија е реалност, колку е остварлива?

Навиките не се менуваат преку ноќ. А нула отпад не значи буквално нула. И самата Беа Џонсон вели дека со оглед на постојните производствени практики, не е возможно да се стигне до буквално нула отпад. Но зарем една канта отпад месечно не е доволен предизвик за да се обидеме?

Беа Џонсон со нејзината тегла со ѓубре

За да биде остварливо, живеењето со нула отпад мора да биде масовно – токму затоа се држат предавања, се преведуваат книги и се пишуваат нови. Еден куп групи и профили на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ „зујат“ за нула отпад, а продавниците за неспакувани производи пркнуваат ко печурки низ целиот свет…

Нула отпад е остварлива мисија бидејќи значи постојано и свесно поедноставување на секојдневието преку намалување на ѓубрето, избегнување амбалажи, поддржување локални произведувачи, менување на мегаломанските навики, исполнување на животот со искуства наместо со предмети и алишта коишто нè чинат време и пари, а богами и здравје.

Во Македонија имаме проблем со редовно празнење на уличните контејнери, основно одржување на хигиената по улиците и парковите, а селектирањето на отпадот сѐ уште се чини невозможна мисија. Проблемот треба да го побараме во колективното или во индивидуалното однесување? Колку книгата „Дом со нула отпад“ може да помогне во тој правец?

Она што особено ми се допаѓа кај нула отпад е што го охрабрува поединецот да ги преземе нештата во свои раце. Одговорноста за загадувањето е поделена: не смееме да си помислиме дека нашите постапки како потрошувачи се побезопасни од системските пропусти. Секојпат кога ќе одбиеме да земеме пластична кеса или потврда од банкоматот или кога ќе го фрлиме отпушокот во кантата наместо на тротоарот пред да се качиме во автобус или кога свесно ќе пазариме на пазар со платнени торби за да ги избегнеме лепенките со бар-кодови и фискалните сметки во продавницата, ние правиме помалку ѓубре, а со тоа директно придонесуваме кон поздрава животна средина. И башка ги едуцираме сите наоколу. Знаевте ли, фискалните сметки не се рециклираат? Дека мастиките и отпушоците не се разградуваат, па ни балоните на хелиум без кои не поминува роденден?

Опрема за пазарење „Од нула до нула“

Колку помалку ѓубре правиме, толку помалку потреба ќе имаме од празнење на контејнерите, нели? На крајот на краиштата, што значи празнењето на контејнерите, дури и да е редовно? Значи само едно – дека она што ние го фрламе (вклучително и органскиот отпад што претставува најмалку 30% од комуналниот отпад и што може да се претвори во компост!) завршува на депониите, би рекла, засекогаш. Празните контејнери не значат поздрава животна средина. Плус, за секое превезување на отпадот од контејнерите до депониите се издвојуваат наши пари…

И уште ова, нула отпад е многу повеќе од селектирање и рециклирање на отпадот – нула отпад значи менување на навиките со цел да правиме многу малку или воопшто ѓубре! Рециклирањето значи справување со ѓубрето што веќе постои, а нула отпад значи свесно неправење ѓубре. А ако нешто не постои, тогаш нема да мора да се справуваме со него, нели?

Секако, личното и индивидуалното искуство може да биде мотивација и други луѓе да почнат да го прифаќаат концептот за „нула отпад“. На кој начин лично го практикувате концептот, а со какви активности се занимава неформалната група на граѓан(к)и „Од нула до нула“?

Јас се будам и заспивам со нула отпад. „Дом со нула отпад“ ми е четиво на кое многу често му се навраќам токму затоа што ги има одговорите за сите прашања. Лично, пазарам со платнени торби и тегли, сама си правам паста за заби, стик и крем за тело, купувам рефусни намирници, вклучително и шампон и сјај за садови, кафето го купувам во свој термос, а кога седнувам во кафуле, задолжително барам метална лажичка, користам менструална чашка и метален брич, ги баталив кујнската хартија, алуминиумската фолија, ластичињата и кесите за замрзнување, ги баталив и кесите за ѓубре, чистам со оцет и сода бикарбона, речиси сите сметки ги плаќам онлајн, правам компост на терасата, млекото ни го доставуваат во стаклено шише, избегнувам шопинг и за себе, а 90% од сета облека на ќерка ми е од втора рака… гледам што помалку непотребни работи да ми „влезат“ дома и што повеќе непотребни работи да ги подарам или продадам.

Кога човек ќе се задоволи со она што го има, тогаш нема потреба од пречесто пазарење, па му остануваат повеќе пари и повеќе време за попаметни нешта. И плус, поретко се изложува на намирници спакувани во штетна пластика, на нови алишта боени со токсични бои, на отровни средства за чистење…

Во најавата за промоцијата на книгата велите: „Сите знаеме дека помалку ѓубре значи поздрава животна средина и подобро здравје. Но помалку ѓубре значи и повеќе слободно време, повеќе пари, повеќе искуства и помалку бришење прашина!“ Зарем може човек да посака повеќе?

Секогаш може да се посака уште помалку ѓубре. И логични системски решенија, подобри закони, циркуларна економија, забрана за пластични кеси и други пластики за една употреба… Супер би било и кога би имале предмет по нула отпад во училиштата за да развиеме свесност дека со сегашните навики и практики си наштетуваме на самите себеси, на нашите деца, на генерациите по нас.

Или, ко што вели омилениот Џорџ Монбио: „Направете им торта, напишете им песна, бакнете ги, кажете им виц, но аман не купувајте им глупости и не загадувајте ја планетата само за да им покажете (на децата) дека ги сакате, дека се грижите за нив. Така го докажувате токму спротивното, дека ич не ви е гајле ни за нив ни за нивната иднина“.

Тони Димков

Извор:https://www.mkd.mk/