Премиерно изведена монодрамата „Јас, Селма”, приказна за бегалка од Сирија

во категорија Култура од

СКОПЈЕ (АА) – Во интимна атмосфера, во присуство на љубителите на театарската уметност, во Џебното кино при Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје вечерва премиерно беше изведена монодрамата „Јас, Селма”, во која се раскажува за младата бегалка од Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).

Монодрамата „Јас, Селма”, во која настапува младата македонска актерка Симона Спировска, раскажува за животот на Селма, бегалка од сирискиот Дамаск, која во не толку далечна иднина, со својот куфер и со својата кукла пристигнува во Скопје. За да преживее, таа проси низ скопските улици, а потоа и се вљубува во младо момче, кое се бори за пуштање на бегалците на територијата на Македонија. Сепак, границите се затвoраат дента кога таа влегува од Грција влегува во земјата и е единствената бегалка во Скопје.

Со тек на времето, Селма почнува да држи часови по ориентален танц, и на тој начин обидувајќи се да се избори за својата егзистенција, чекајќи од надлежните институции да ѝ бидат издадени потребните документи за азил. Поминуваат девет години, а нејзиното вклопување во средината се одвива многу тешко, поради што таа сака да замине.

Актерката која игра во монодрамата, Симона Спировска, во изјава за Anadolu Agency (AA) раскажува дека оваа монодрама всушност е приказна на многу девојчиња и не е судбина на само еден човек, туку, како што вели таа, за жал, ова е приказна која им се случува на повеќе луѓе.

„Ова е приказна за едно девојче, бегалка, која пристигнува во Македонија, која се обидува да се вклопи, меѓутоа заради тоа што кај нас функционираат работите како што функционираат, таа не успева да добие документи, да си го оствари својот сон и да замине за Бејрут”, вели актерката Спировска.

Актерката објаснува дека таа и режисерот на претставата Милош Б. Андоновски, познаваат по некој со слична или иста приказна, меѓутоа, смета таа, тажно е што тоа сепак не е една приказна, туку многу повеќе.

„Тоа е фрапамнтно, да е една приказна ние ќе се снајдеме ќе му помогнеме на еден човек, но на нас низ рацете ни поминуваат илјадници луѓе на коишто не можеме да им помогнеме никако”, објаснува Спировска.

Таа изразува надеж дека за темата за која се работи во монодрамата, ќе почне да се зборува во општеството многу повеќе, истакнувајќи дека за да може им се помогне на луѓето бегалци, најпрвин треба да биде разберена суштината на нивните човечки судбини.

– „Скопје е град на солидарноста, ние треба да им помогнеме на бегалците”

На прашањето дали луѓето од овие простори доволно ја разбираат судбината на бегалците и дали доволно се сочувствуват со нив, актерката Спировска истакнува: „Не мислам дека ние сочуствуваме. Не мислам дека сме спремни и тоа е страшно. Скопје е град на солидарноста. Ако градот на солидарноста не е спремен да прифати и да помогне тогаш не знам кој е спремен. Ние треба да им помогнеме на тие луѓе”, порачува младата актерка.

Со нејзината монодрама верува дека ќе успее да даде придонес кон подобро разбирање на тешкиот живот на бегалците.

„Оваа претстава колку што зборува за Селма, толку зборува и за нас. Постојаното ‘губење’ на линијата кој е кој во претставата и дали говори актерката или бегалката, го нагласува нашето (не)прифаќање на сличностите што ги имаме со младата Селма”, истакнуваат од МКЦ кон претставата.

Првата реприза на оваа монодрама е утре а втората на 2 мај. Сите изведби се одржуваат во Џебното кино на Младинскиот културен центар во Скопје.


Извор:http://aa.com.tr/mk/