Бенд кој ја избра музиката како главен приоритет во нивните животи

во категорија Култура од

Со момците од „Fighting Windmills“ се договорив да се најдеме пред МКЦ. Дојдоа четворица Филип Букршлиев – Бука (гитара), Дени Омерагиќ (бас), Нинослав Спировски (кларинет/саксофон) и Антоние Весковски (удиралки), а за Никола Гугоски (гитара) имаа оправдание за отсуство (живее во Охрид). Два повода има за средба со нив – промоцијата на новиот албум „An Exercise in Surprise“ и настапот на Оф-фест на 01 јуни оваа година.

Во обид да се најде соодветен превод на насловот на новиот албум, кој е ЛП-издание објавено во април 2018-та под етикетата на „Шарла“, Филип Букршлиев – Бука објасни дека насловот и насоката во која се движи изданието се делумно инспирирани од албумот „Elements of Style / Exercises in Surprice“ (Atavistic, 2004) на легендарниот квинтет на чикашкиот саксофонист Кен Вандермарк, како омаж кон творештвото на американскиот музичар. Со песните објавени во албумот бендот флертува со елементи на современиот скандинавски џез, диско-панк и теми од соло делниците на Чарли Паркер.

Објаснување за непреводливост добив и за самото име на групата „Fighting Windmills“, односно асоцира на атмосфера во позадината на случувањата.

„Новиот албум носи синтетизирање на сите стилови што ги изнесовме на претходните два албуми (’Yugoslavia in Space‘ – 2016 и ’Rhapsodies in Void‘ 2013), а на многу начини е поедноставен и појасен од тие два. Повеќе се задржуваме на разработка на одредени теми, а од друга страна е комплексен на друго ниво, кое не е поврзано само со висинско-ритмичките карактеристики на музиката, туку и со текстуалните предлошки, со атмосферата. Генерално е пожив албум и помалку стерилен“, објасни Дени Омерагиќ.

Современата, нова музика е многу тешко да се ограничи со еден жанр, бидејќи најчесто станува збор за фузија на повеќе жанрови и медиуми. Но секоја музика носи и одреден контекст или поттекст.

„Цело време го носиме, условно кажано, истиот поттекст. Не пристапуваме во создавањето на музиката на тој начин. На пример, да земеме 2-3 идиома и од тие да правиме музика. Ние комплетно не се замараме со тоа. Повеќе обрнуваме внимание на тоа како музичари да можеме да ги артикулираме сите звуци и да ги употребиме сите алатки, и на тој начин ја создаваме музиката“, објаснува Бука.

„Кај нас влијанијата се многу различни и чудни. Сите имаме различни влијанија, а сепак се наоѓаме на еден заеднички стил. Сите имаме различен бекграунд, некој со класична некој со џез подлога, а на крајот создаваме заедничка музика. Има мислење дека треба да работиш со луѓе со кои имаш исто гледиште, а кај нас има ситуација да работиш со луѓе со кои имаш различни гледишта за да направиме нешто ново“, дообјасни Антоние Весковски.

„Затоа од сите македонски групи на нас најтешко може да ни се закачи некаква жанровска или стилска етикета“, констатира Дени Омерагиќ.

Како проект „Fighting Windmills“ постои од 2007 година и од тој период се албумите деби-албумот „Аграрни реформи и варијации на тема“ (2008) и вториот албум „Најсмешниот виц на светот (2010). Потоа групата доживува повеќе трансформации за да стигне до денешниот состав. Еден од заслужните што групата сѐ уште постои е Нинослав Спировски.

„Го фатив моментот по првите два албума, кога групата почна да се трансформира, а единствено Бука е од првата формација како темел на бендот и на главните музички идеи. Во периодот кога влегов во бендот, во април 2011 година, имаше членови што почнаа да се повлекуваат, бидејќи не можеа да го следат нашиот приоритет. Ние ја избравме музиката како главно нешто во нашите животи, а другите си фатија други патишта. Долг период бевме сами со Бука и тешко успевавме да најдеме нови членови, а повеќето со кои контактиравме беа во некој тезгарски, односно претприемнички филм, и очекуваа финансиски придобивки.

Потоа прво го најдовме гитаристот Никола Гугоски. На Бука му дојде душата на место, бидејќи го најде спаринг-партнерот. Иако двајцата свират тотално спротивно, заедно звучат феноменално. Така одлучивме да ја продолжиме работата и стигнавме до денешниот состав на бендот. Се собравме во март 2013 година и во април веќе го имавме следниот албум, односно третиот по ред, а прв со новиот состав“, раскажа Нинослав Спировски.

На момците од „Fighting Windmills“ не им е битно дали ќе настапат на голем фестивал или пред 30-тина луѓе во кафуле. Еден од нивните настапи минатата година се случи во „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија.

„Концертот во ноември во ’Ла Кања‘ ни е традиционален, бидејќи тоа апсолутно ни е омилениот простор за настапување во Скопје и во Македонија. Излегуваме таму, Дејан е супер-газда и обожаваме да свириме таму. Бендот многу убаво функционира во таа мала просторија, особено кога ќе се наполни со публика“, во еден глас истакнуваат сите членови на бендот.

Токму просторот за изразување на создадената музика е еден од проблемите на македонските групи, но Дени Омерагиќ, како хроничар на случувањата на македонската сцена, вели дека простор има.

„Има две струи на функционирање на македонската сцена – едната е на тие што прават музика и втората е на тие што промовираат музика. Тие што промовираат музика се поизвикани кај нас, бидејќи се бендови што ќе направат еден албум и потоа по цела година го промовираат, прават концерти, одат на турнеи низ Македонија, Европа и светот. На тие бендови не им е битно да создаваат многу музика, туку истата да стигне што пошироко.

Ние сме дел од струјата што создава музика и работиме сосема обратно. Иако сега промовираме нов албум, со едната нога веќе сме влезени во правење музика за следниот. Работиме во мали крици на креативност и за неколку месеци можеме да склопиме нов албум. Значи простор има, само секој треба да се позиционира со својата работа. Има сѐ повеќе места за свирење, технологијата за снимање е сѐ подостапна и треба само да се седне и да се направи музиката. Сѐ што е вредно ќе си го добие своето внимание“, објасни Дени Омерагиќ.

Во однос на пласирањето и на комерцијалноста на својата музика велат дека се задоволни и со 30-тина луѓе во „Ла Кања“ и со 60-тина во „Менада“ и со 100-тина во МКЦ, а битно им е нивната музика да го најде местото кај слушателите. Факт е дека не можат да живеат со продажба на музика, но тоа не ги прави несреќни, туку знаат дека нивните слушатели се искрени почитувачи на тоа што го прават.

Петтиот албум „An Exercise in Surprise“ на „Fighting Windmills“ е испечатен на 100 ЦД-а, ќе може да се најде и на дигиталните платформи. На физичките изданија им е посветено посебно уметничко внимание, а првпат објавуваат за „Шарла Рекордс“, издавачка куќа предводена од Давид Ангелевски. Изданието е наменето за најпасионираните слушатели на нивната музика.

Целиот материјал на албумот е авторско и продукциско дело на членовите на бендот, снимен е во студиото БПМ од Младен Павлески, а измиксан и мастеризиран во студиото „Алшар“ од Ивица Јанкуловски. Дизајнот на албумот го изработи гитаристот на бендот, Филип Букршлиев – Бука.

Мини-концертната промоција на новиот албум ќе се одржи на 26 април во „Менада“, додека комплетната концертна промоција и на албумот и на теми од претходните албуми, како и теми кои сѐ уште не се ставени на носач на звук, ќе се случи на 01 јуни, како единствена македонска група во програмата на Оф-фест 2018 во организација на Скопје џез фестивал во Денсинг-салата во МКЦ.

Тони Димков

Извор:https://www.mkd.mk/