Ципрас: Односите со Турција во период на нестабилност

во категорија Регион од

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска изјави дека односите меѓу Атина и Анкара минуваат низ „период на нестабилност“, истакнувајќи дека Грција нема да преговара ниту за еден дел од својата територија.

Ципрас рече дека за источниот сосед на Грција има „порака за соработка“, но и „порака за одлучност“.

– Многупати, навистина, сме се нашле во тешки времиња, соочени со однесување за кое нема оправдување, со провокативен и агресивен став на нашите соседи. И навистина, овие денови минуваме низ таков период на нестабилност, кој не е во согласност со принципите за добрососедство, ниту со меѓународните правила, изјави грчкиот премиер.

Тој порача дека неговата земја сака соработка, меѓусебно почитување и мирен соживот со соседите.

– Грција никому не се заканува, но, ниту се плаши од некого. И Грција може да ги одбрани своите суверени права од крајот до крајот на земјата, заклучи Ципрас.

Односите меѓу Грција и Турција се влошија изминатите недели поради спорната граница во Егејското море и правото за истражување на нафта и гас кај крајбрежјето на поделениот остров Кипар.

Иако се сојузници во НАТО, односите меѓу двете земји често беа сериозно затегнати во текот на изминатите децении, претежно поради територијалните спорови на Егејското море и во врска со Кипар, а дури трипати беа на раб на војна од почетокот на 70-тите од минатиот век.

Извор:http://www.alsat-m.tv