Турција: Започна Годишниот состанок на уредниците на Anadolu Agency

во категорија Свет од

АНКАРА (АА) – Денес во Анкара започна Годишниот состанок на уредниците на Anadolu Agency (АА).

Во рамките на Состанокот, генералниот директор на Anadolu Agency, Шенол Казанџи, се сретна со уредниците на сервисите на странски јазици и сервисите за меѓународни вести на Агенцијата.

Во своето обраќање на отворањето, Казанџи рече дека состанокот има за цел да го оцени напредокот на сервисите на странски јазици и сервисите за меѓународни вести и да преземе чекори за зајакнување на глобалната визија на АА.

Казанџи истакна дека Anadolu Agency го опфаќа речиси целиот свет со своите сервиси на 13 јазици: турски, арапски, англиски, руски, македонски, албански, индонезиски, шпански, курдските дијалекти Курманџи и Сорани, француски, босански-хрватски-српски (BHS) и персиски.

Тој додаде дека АА е најдобра агенција во Турција и има за цел да стане најдобра во светот.

„Ние ја следевме операцијата „Маслинова гранка“. Обезбедувавме вести за целиот свет. Можеби (на оваа тема) бевме и број еден во светот“, рече Казанџи.

Турција ја започна операцијата „Маслинова гранка“ на 20 јануари, со цел да ги расчисти терористичките организации ЈПГ/ПКК и ДЕАШ од подрачјето на Африн во северозападна Сирија поради растечките терористички закани од тој регион. 

Во рамките на операцијата, на 18 март беше ослободен центарот на градот Африн, кој беше големо упориште на ЈПГ/ПКК од 2012 година.

На состанокот гостин беше Ајдин Унал, пратеник на владејачката Партија на правдата и развојот (АК) во Анкара и претставник на турскиот Парламент во Парламентарното собрание на НАТО.

Во својот говор, Унал ја пофали Агенцијата, велејќи: „Ако не работите за Anadolu Agency или за некоја друга институција голема колку Anadolu Agency, не можете да се сметате себеси како комплетен новинар“.

Унал истакна дека пред да стане пратеник во 2015 година, бил новинар.

Говорејќи за протестите во Паркот Гези во 2013 година, рече дека властите имаат докази дека тие биле оркестрирани од терористичката организација ФЕТО, која стои и зад неуспешниот обид за државен удар во јули 2016 година, во кој животите ги загубија околу 250 лица, а речиси 2.200 беа ранети.

„Обидот за државен удар на 15 јули беше извршен за да се запре развојот и напредокот на Турција. Фала му на Бога, не успеа. Но јас не мислам дека тие лесно ќе ја остават на мира Турција“.

Осврнувајќи се на конфликтот во Сирија, Унал рече дека Турција е лоцирана во тешка географска средина, но дека се бори да изгради мир во регионот.

Тој рече дека Турција не ги сака нафтата, дијамантите или рудниците на која било земја, туку целта и е само воспоставување мир.

Учесниците на Состанокот имаа можност да проследат краток документарен филм за глобалната визија на Anadolu Agency.

Состаноците ќе траат до 21 април.

Приближувајќи се до својата 100. годишнина во 2020 година, Anadolu Agency – како извор на доверливи вести – нуди вести, фотографии и видеа поврзани за настани во Турција и светот, настани од економијата, спортот, здравјето и технолошките достигнувања.

Агенцијата има канцеларии и претставништва во 41 центар, вклучувајќи ги Пентагон, Вашингтон, Лондон, Москва, Адис Абеба, Бејрут, Берлин, Рим, Пекинг, Индонезија и Колумбија, и има претставници во 97 земји.

Anadolu Agency дневно објавува околу 1.400 вести, 2.300 фотографии, 400 видеа од скоро секој континент, што ја прави глобална новинска агенција.


Извор:http://aa.com.tr/mk/