„Со парите кои се трошат на бомби, Сирија може повторно да се изгради“

во категорија Свет од

АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека Сирија може повторно да се изгради од средствата кои се трошат за бомби со кои оваа земја се руши, јавува Anadolu Agency (AA).

Ердоган денес имаше свое обраќање во Клубот на пратеници на Партијата за правда и развој (AK Parti) во Парламентот, а во таа пригода се осврна на актуелните случувања. Во фокусот на неговото обраќање беше борбата против тероризмот.

„Од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“, која ја започнавме на 20 јануари, неутрализиравме вкупно 500 терористи на ПКК, од кои 209 во земјата и 341 во северен Ирак. Во Африн се неутрализирани најмалку 4.205 терористи“, порача турскиот претседател Ердоган.

Во врска со борбата против терористичката организација ФЕТО, Ердоган изјави дека се „фатени вкупно 80 припадници на ФЕТО, и тоа во последните акции, шест во Косово и три во Габон“.

„Крајот на водечкиот терорист (Фетула Ѓулен), кој мисли дека се спасил со тоа што побегнал во Пенсилванија, нема да биде ни малку поразличен. Порано или подоцна и него ќе го донесеме. Секој, кој ќе ја издаде оваа земја и овој народ, порано или подоцна, ќе биде адекватно казнет“, изјави Ердоган.

Ердоган потсети дека неговата земја во 2016 година, за развој и хуманитарна помош во светот, обезбедила шест милијарди долари, што на тој план ја прави втора земја во светот.

„Кога станува збор за хуманитарната помош, европските земји, но и целиот свет, според нас, паднаа на тој испит. Со парите кои се трошат на бомби со кои се руши Сирија, можно е повторна изградба на земјата“, истакна Ердоган.

Лидерот на турската опозициска Партија на национално движење (MHP), Девлет Бахчели, денес ги повика турските власти да распишат предвремени избори во август оваа година, а Ердоган се осврна на односите со таа партија, поточно, на народната алијанса на двете партии.

Најпрво истакна дека опозициската Републиканска народна партија (CHP) во последниот период, константно ги менувала своите ставови, и додаде:

„Овој процес ги доведе Партијата на национално движење и Партијата за правда и развој, до народната алијанса. Сега, ако даде Господ, со народната алијанса ќе започне еден нов период во Турција, а оваа алијанса ја пренесуваме на Претседателските и парламентарни избори во 2019 година. На овој план се направени сите правни измени, а ги усвои и нашиот Парламент. Така, не го променивме само нашиот систем на водење на државата, истовремено воспоставивме и правна структура во турската политика, во чиј состав партиите под различни имиња можат да ги здружат своите сили за иднината на земјата и народот. Сето тоа укажува дека во нашата земја нема да биде ништо како порано. Тоа е показател дека со сигурни чекори ќе продолжиме кон целта на голема и силна Турција“, порача Ердоган.

Тој говореше и за воената интервенција на Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија и Франција во Сирија, и порача дека оваа операција покажала колку кризата во регионот има потенцијал да се прошири на целиот свет.

„Овој настан, кој повторно ги отвори приказните во сценаријата за трета светска војна, уште еднаш ја потврди точноста на турската политика кон Сирија. Поради 3,5 милиони наши браќа Сиријци кои живеат во нашата земја, и поради константните закани кон нашата земја од територијата на Сирија, ние во врска со ова прашање никогаш не може да стоиме одзади, ниту пак да бидеме пасивни“, изјави Ердоган, и додаде:

„Она со што бевме соочени во текот на изминатите години, покажа дека доколку ние не ги пронајдеме и не ги уништиме терористите, тие ќе дојдат во Анкара, Истанбул, или во некој друг дел од земјата и ќе извршат напад. Исто така, покажавме дека доколку не воспоставиме безбедност на територијата на Сирија, нашите 3,5 милиони браќа во Турција никогаш нема да можат да се вратат во својата таковина. За да бидеме безбедни ние, но и нашите браќа Сиријци, мораме да продолжиме, така што ќе ја прошириме нашата присутнот на теренот.“


Извор:http://aa.com.tr/mk/