Русија и САД подготвуваат нови меѓусебни санкции

во категорија Свет од

Руската државна Дума, долниот дом на парламентот, реши во идниот месец да го проучи предлог-законот за руските контра-санкции против главно Соединетите држави. Законот во кој се наведени мерки против, како што се наведува, непријателски дејства беше поднесен во минатиот петок.

Претседателот на државната Дума Вјачеслав Володин на прес конференцијата не сакаше да елаборира за какви мерки станува збор.

Тој рече дека во Думата била постигната согласност дека за ваков предлог-закон треба да се разговара со експерти.

Според извештаите на руските медиуми, нацрт-законот е подготвен како одговор на новите санкции на САД објавени на 6 април.

Со него, како што се дознава, се забранува увоз на земјоделски производи, тутун и алкохол од САД и други земји кои учествуваат во антируските санкции.

Исто така се предлага ограничување на соработката меѓу Русија и овие земји во нуклеарната индустрија и индустријата за ракетни мотори, како и во авионската индустрија.

Белата куќа вчера соопшти дека САД размислуваат за воведување дополнителни санкции против Русија и оти одлуката ќе биде донесена „во блиска иднина“.

Оваа најава следуваше еден ден откако висок официјален американски претставник откри дека Вашингтон се подготвува да покрене нова рунда санкции против Москва поради нејзината поддршка на сириската влада.

Русија смета дека американските санкции претставуваат форма на нелојална конкуренција и оти секој одговор ќе биде во согласност со интересите на Русија.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков санкциите ги нарече „фиксна идеја“, оценувајќи дека тие се нелеаглни:

„Ние сме сигурни – и секој економист лесно може да ги види отворените обиди за нелојална конкуренција, кои се опфатени со некои други причини, обиди да се притисне конкуренцијата – во овој случај руските компании – од глобалните пазари“

Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини Русија и Кина за девалвирање на нивните валути.

„Русија и Кина играат игра за девалвација на валутите, додека САД ги зголемуваат каматните стапки. Неприфатливо“, порача Трамп на Твитер.

Откако Трамп ја презеде функцијата во јануари 2017 година, доларот значително ослабна во однос на повеќето валути, вклучувајќи го и кинескиот јуан и, додека САД не воведоа санкции за Русија во последните неколку недели, рубљата.

Извор: https://www.slobodnaevropa.mk