Како Disney ќе завладее со филмската индустрија?

во категорија Култура од

Освен ако не живеете под камен во последните десет години, тогаш знаете дека месецов почнува кулминацијата на сето она што Marvel го градеа преку нивниот филмски универзум. „Avengers: Infinity War“ треба да претставува јаготката на шлагот составен од суперхерои и да го круниса десетгодишното успешно работење на филмски план на студиото Marvel.

Но, заплетот на филмот и главната мотивација на негативецот Танос неодоливо потсетува на сето она што Disney (студиото под чија сопственост е Marvel) го прави веќе подолго време, па теоретичарите на заговор веќе почнаа со претпоставки дека „Avengers: Infinity War“ е мудра, досетлива алегорија за големиот план на Disney со кој оваа компанија сака да го освои светот.

Најпрво, да го повториме планот на негативецот Танос. Тој пробува да ги собере сите „Камења на бесконечност“ за да ги стави на неговата ракавица, и потоа со нивната моќ да го освои целиот универзум, владеејќи со „железна тупаница“. Е сега, наместо „Танос“ читајте „Disney“, а наместо „Камења на бесконечност“ читајте „шоу бизнис брендови“.

Disney го купи Marvel во 2009 година за 4 милијарди долари, а само три години претходно за сума од 7,4 милијарди долари и Pixar, кој дотогаш беше најголем ривал на Disney на полето на анимацијата, стана дел од семејството на Мики Маус. Но, собирањето на „камења на бесконечноста“ од полето на шоу бизнисот не заврши тука, па во 2013 година Disney одвои нови 4 милијарди долари за купување на Lucasfilm, студио кое ја поседува најпознатата филмска франшиза на сите времиња, „Star Wars“. Во последните неколку месеци се водат преговори (за кои се тврди дека се во финалната фаза) за купување на најголемиот ривал на Disney во филмското поле, 21st Century Fox, под чија сопственост се голем дел од суперхероите на Marvel, како Вулверин, Дедпул и Fantastic Four, како и големи филмски франшизи како „Avatar“, „The Simpsons“ и „Alien“. Цената на договорот би требало да биде околу 52 милијарди долари.

Во оваа споредба Disney е Танос, и веќе се наоѓа на чекор до освојување на половина од филмската индустрија. Додека ние седиме пред филмското платно и навиваме за членовите на Avengers да го одбранат светот од злото, тие всушност се на страната на корпоративната доминација на Disney. До 2016 година Disney поседуваше една четвртина од вкупната заработка на филмската индустрија, но веќе во 2017 таа бројка се зголеми и доколку се оствари договорот со 21st Century Fox, тогаш Disney ќе поседува 39% од глобалниот пазар. Но, Disney не заработува само од филмовите, туку неговата заработка е уште поголема од останатите бизниси, меѓу кои е Дизниленд. За споредба, анимираниот филм „Frozen“ заработи една милијарда долари на светскиот боксофис, но заработи скоро тројно повеќе од продажба на костуми играчки и билети за атракциите во Дизниленд базирани на овој филм.

Ако погледнеме во блиска иднина, барем во наредните десет години, лесно можеме да ги препознаеме најважните филмови (од кои неколку сигурно ќе се најдат на самиот врв на боксофис листите) и ќе извадиме заклучок дека голем дел од нив се во сопственост на Disney.

Кога ќе заврши доминацијата на Disney? Дали е можно да се спречи? Дали другите компании имаат намера да преземат нешто?

Па, Warner Bros се упорни со нивниот план да направат филмски универзум со ликовите од DC Comics, сличен на оној на Marvel. Сега засега не можат да се пофалат со особен успех, но се забележува упорноста. Universal успеа да направи само еден филм („The Mummy“) од нивниот „филмски универзум на чудовишта“ пред да го откаже целиот универзум и да ја напушти идејата.

Освен ако целата светска публика не се одлучи да ги бојкотира филмовите на Disney, идејата на Танос ќе биде реализирана и наскоро ќе живееме во свет во кој Спајдермен, Лук Скајвокер и Мики Маус ќе бидат на сечиј телевизор, на сечиј телефон, па можеби и ќе бидат заедно во истиот филм.

Извор:https://kajgana.com/