Груби: Заслугата за препораката им припаѓа на граѓаните

во категорија Македонија од
По повод објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2017 година, претседателот на парламентарната Комисија за европски прашања на Република Македонија Артан Груби ги поздрави очекуваните и заслужените убави вести од Брисел за Македонија.

-Добивањето на чиста препорака за отпочнување на преговори за членство на Република Македонија со Европската унија претставува потврда за храбро сработеното, потврда дека реформската влада и новото парламентарно мнозинство ја вратија земјата на евроатлантскиот пат, потврда дека Република Македонија е успешна приказна, истакна Груби.

Заслугата, според него, им припаѓа на граѓаните кои ги инвестираа сите свои очекувања и напори во реализација на евроатлантскиот стремеж.

-Како политичко лидерство со визија се вложивме да ги исполниме домашните задачи. Посветено, храбро, патриотиски и со исклучителна динамика се посветивме на остранување на сите пречки на нашиот пат кон Брисел, преку градење на добрососедски односи и мерки за доверба и надминување на споровите и недоразбирањата, но не заборавајќи го и финализирањето на нормативниот дел од Охридскиот Рамковен Договор, додаде Груби.

Тоа е Македонија исправена кон иднината, тоа е денешната Македонија која сите треба да ја видиме, Македонија со демократски институции, одлични добрососедски односи и Македонија растеретена од меѓуетнички проблеми.

-Интересите и очекувањата на граѓаните се нашиот патоказ, изјави Груби, дополнувајќи дека насоките за нашите реформи кои ќе ги почитуваме на патот кон ЕУ се во насока на воспоставување на институции што ќе гарантираат владеење на правото и на кои ќе им веруваат граѓаните, целосно независни, но и општествени одговорни медиуми, активни невладини организации и, вклучено општество, будна и ангажирана академска заедница, активни контролни механизми, судии и обвинители кои што ќе дадат придонес за реформирање на општеството преку примерно извршување на задачата, согласно словото на правото.

Тој посочува дека, во услови на создадена позитивна клима околу процесот за европска интеграција, во земјата, во ЕУ и кај земјите членки, очекува во најкус можен рок и датум за старт на преговорите, истакнувајќи дека ова политичко лидерство е спремно да го понесе товарот на таквиот генерациски предизвик.

Груби го поздравува напредокот и за останатите земји од регионот, добивањето на препораката за Албанија, охрабрувачките оценки за Косово и БиХ, како и признавањето на напредокот за Србија и Црна Гора.

Извор: https://nezavisen.mk/