Xperia XZ2 Premium има 4К екран и камера за снимање во „екстремни услови“

во категорија Технологија од

За помалку од два месеци откако Sony го претстави моделот Xperia XZ2 на конгресот Mobile World Congress, компанијата повторно привлекува внимание со моделот Xperia XZ2 Premium.

Уредот има ист дизајн како и XZ2, но со подобар екран, камера, батерија и уште некои спецификации.

XZ2 Premium ќе биде ставен на продажба летово, а цената уште не е позната. Единствено што се знае е дека сигурно нема да биде евтин, со оглед на тоа дека стандардниот XZ2 чини 800 долари, така што реално е да се очекува дека новиот модел ќе достигне цена до 900 или 1.000 долари.

XZ2 Premium доби 5,8-инчен 4К екран, што е подобрување во споредба со 5,7-инчниот Full HD+ екран со резолуција од 1.080×2.160 пиксели на стандардниот. И двата модели поддржуваат HDR видео. Кога гледате клипови, слушате музика или играте игри, ќе го забележите новиот систем на вибрирање што дебитираше со моделот XZ2. Целта е да понуди соодветен фидбек на она што се случува на екранот.

Најголемо подобрување доби камерата. XZ2 Premium има две задни камери, што е прв случај во историјата на смартфоните на Sony. Наместо да додаде telefoto/zoom леќи како Apple, Samsung и OnePlus, Sony го подели фотографирањето на сензор во боја од 19 мегапиксели и монохромна камера од 12 мегапиксели. Sony се обиде да ги надмине сите во ISO перформанси, па максималниот ISO на фотографиите направени со XZ2 Premium изнесува 51.200, а при снимање видеа 12.800.

Sony тврди дека неговиот AUBE процесор може да ги комбинира податоците од двата сензори и да ги оптимизира во услови на слаба светлина и да ја намали бучавата за да добиете добри резултати.

Системот со двојна камера ќе има и функција на снимање портрети што ќе го користи само монохроматскиот сензор за јасни и детални црнобели фотографии.

Меѓутоа, оваа функција ќе биде достапна дури кога ќе стигне апдејт на Q3 софтверот.

Premium моделот ќе може да снима  slow-mo видеа со резолуција од 1.080p. На предната страна има селфи камера од 13 мегапиксели, а кај стандардниот модел предната камера е од 5 мегапиксели.

За разлика од моделот XZ2 со 4 GB RAM, Premium моделот доби 6 GB. И двата уреди имаат оперативен систем Аndroid 8.0 Oreo и процесор Snapdragon 845.

Извор:https://kajgana.com/gik