„Турција е НАТО членка којашто претрпе најмногу терористички напади“

во категорија Свет од

АНКАРА (АА) – Генералниот секретар на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), Јенс Столтенберг, денеска изјави дека организацијата ја поздравува транспарентноста која Турција ја покажува во спроведувањето на воената антитерористичка операција „Маслинова гранка“, во северозападниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).

Во рамките на официјалната посета на Турција, Столтенберг утрово се сретна со турскиот министер за одбрана, Нуритин Џаникли, а потоа и со шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, со кој им се обратија на новинарите.

„Министерот Чавушоглу ме информираше за операцијата „Маслинова гранка“ и јас сум ѝ благодарен на Турција, која инсистира на транспарентност во таа операција“, рече Столтенберг.

„Маслинова гранка“ е операција која Турските вооружени сили, во соработка со Слободната сириска војска, ја започнаа со цел неутрализирање на терористите на ЈПГ/ПКК -ДЕАШ во сирискиот граничен регион Aфрин.

Првиот човек на НАТО, Столтенберг, рече дека Турција даде значителен придонес во коалиционата борба против тероризмот, иако се соочува со сериозни предизвици.

„Ниту една членка на НАТО не претрпе толку многу терористички напади како Турција. Таа е, исто така, сојузник кој најмногу е изложен на нестабилноста во овој регион“, рече Столтенберг.

Ова е седма посета на Столтенберг на Турција, а тој истакна дека ова е знак колкава важност НАТО ѝ придава на Турција како членка.

Истакнувајќи дека НАТО ја поддржува Турција преку различни платформи, Столтенберг ѝ се заблагодари на Турција за нејзината борба против сите терористички организации во регионот.

Главна тема на посетата на Столтенберг е подготовка на Самитот на НАТО кој ќе се одржи во јули во Брисел, а со турските официјални претставници разговараше за ситуацијата во Сирија, Либија и другите региони.

Столтенберг повтори дека САД, Франција и Обединетото Кралство го известиле НАТО за нападот што го извршиле поради нападот со хемиско оружје врз цивилите во сириска Дума.

„Целта на нападот е да се намали капацитетот на сирискиот режим за повторување на ваквите напади врз цивилите. НАТО остро го осудува режимот на Асад за континуираното користење хемиско оружје“, рече Столтенберг.

Истакнувајќи дека сите членки ги поддржаа овие напади, Столтенберг рече дека одговорните за употребата на хемиско оружје во Сирија мора да бидат кривично гонети.

„Се разбира дека НАТО ги поддржува активностите под покровителство на Обединетите нации, во контекст на изнаоѓање мирно решение за кризата во Сирија“, заклучи Столтенберг.


Извор:http://aa.com.tr/mk/