Руско засилување во Сирија: Преку Босфорот минува брод полн со воена опрема

во категорија Свет од

Турција не е на страната, ниту против која било земја вклучена во кризата во Сирија бидејќи нејзината политика за регионот се разликува од онаа на Иран, Русија и САД, изјави неодамна потпретседателот на турската влада, Бекир Боздаг.

Сепак, Турчинот, Јурук Ишик, на социјалната мрежа Твитер објави фотографии од руски воен брод кој го преминува Босфорот, при што напишал дека истиот тој брод е веќе на својот четврти пат кон сирискиот град Тартус. Според објавата, бродот пренесува воени возила и опрема. Меѓу другото, Ишик пишува дека дека бродот превезува оклопни возила „БТР-80“, опремени со уреди за попречување на сигналите на проектили управувани од далечина, камиони „Камаз“, амфибии и друга воена опрема.

Инаку, потпретседателот Боздаг својата изјава за политиката на Турција ја даде одговарајќи на новинарско прашање во врска со претходна изјава на францускиот претседател, Емануел Макрон, кој рече дека со поддршката на ракетните напади во Сирија, Турција покажала дека се „сепарирала“ од Русија.

САД, Франција и Велика Британија испалија повеќе од стотина ракети кон Сирија во саботата наутро по доказите дека сирискиот претседател Башар ал-Асад е одговорен за напад со хемиско оружје врз градот Дума пред една недела, соопшти Пентагон.

„Политиката на Турција кон Сирија не е пасивно стоење настрана или пак насочена кон конкретни земји. Не постои промена во однос на нашата политика“, изјави Боздаг за новинарите во Катар.

извор: Makfax

Извор: http://vecer.mk/