Работнички доминираше во финишот за триумф на дербито со МЗТ Скопје

во категорија Спорт од

Rabotnicki-MZT20181

Екипата на Работнички славеше убедлива победа од 92:74 во дербито против МЗТ Скопје кое се одигра на неутрален терен, односно во салата во Гостивар. Првично натпреварот требаше да се одигра вчера, но поради проблеми со помошните семафори во салата „Градски Парк“, истото беше презакажано за денес.

Избраниците на Марин Докузовски до убедливата победа стигнаа во финалните пет минути од последната четвртина. Дотогаш „штрковите“ имаа предност која варираше на разлика од само неколку поени.

Во последните десет минути, условно кажано гостите на овој натпревар, влегоа со предност од пет поени и истата ја одржуваа се до 35. минута кога Работнички најпрво преку Еванс погоди за доближување на само еден поен негатива, за во следниот напад Чековски да погоди за три поени и да го донесе Работнички во водство (71:69), првпат по крајот на втората четвртина.

Веќе во следниот напад следуваше грешка при изведувањето од страна на МЗТ, а истата успешно ја казни Еванс кој погоди за два поени, а при тоа не реализираше дополнително слободно фрлање.

Симоновски ја врати неизвесноста со тројка и намали на 73:72, но тоа беше се од тимот од Аеродром. Финалните неколку минути беа во знакот на Работнички кој беше смирен под кошот и преку Караџовски, Костов, Робинсон и Еванс стигна до убедлива победа од 92:74.

Најефикасен во победничкиот тим беше Шон Еванс кој имаше дабл-дабл учинок од 19 поени и 12 скокови, а одлични беа и Чековски и Костов кои натпреварот го завршија со по 14 поени. На противничката страна Марко Симоновски уфрли 24 поени и заедно со Бојиќ беа единствените расположени на паркетот за гостинскиот тим.

Извор:https://derbi.mk/