Ниска откупна цена на пролетната зелка, струмичките бизнисмени бараат итна средба со министерот Николовски

во категорија Македонија од

Откупната цена од осум до 10 денари по килограм ги мобилизира струмичките земјоделци да побараат итна средба со ресорниот министер, со цел надминување на проблемите поврзани со продажбата на пролетната зелка. Сметаат дека состојбата со откупот на оваа култура е катастрофална.

„Количините се откупуваат рестриктивно, и мораме да потенцираме, дека според сите податоци од оние количини што требаше да се наберат, состојбата на теренот покажува дека со 30 до 40 проценти ќе бидат помали.  Што ќе се случеше ако тој процент го имаше, мислам дека е жално да бидеш земјоделец денес“, порача Ристо Велков од Сојуз на синдикати на регионални производители.

„Дајте, да се најде сходно, зелката да патува за Русија. Да најдат средба со рускиот амбасадор, и да може да се отвори пазарот“, додаде Ванчо Митев од Сојуз на земјоделски здруженија.

Министерот Љупчо Николовски им одговори од Градско. Вели дека водат разговори за пласман на зелката на рускиот и украинскиот пазар, но главен проблем е приливот на зелка од други земји со поконкуренти цени.

„Секој ден сме на терен во струмичко. Вложуваме максимални напори да го олесниме извозот, но притисокот од други земји е многу голем и си го прави своето. Цената е многу поконкурентна од нашата, но ние ги правиме максималните напори за да овозможиме и да го олесниме извозот. Јас сум претседател на владината македоснко-руска комисија, и правиме се за да го овозможиме и олесниме тој процес. Во Москва разговаравме за царинските давачки кои ги има Македонија и навистина влеговме во еден  процес годинава да овозможиме и нови пласмани“, истакна Николовски.

Министерот Николовски, нагласи дека според неговите податоци денеска откупната цена не била пониска од 12 денари, а тие како министерство успеале да го одржат ветувањето пред земјоделците, до Велигден цената на зелката да не падне под 20 денари по килограм.

Катерина Давчева

Извор: https://tv21.tv/mk