Ердоган: Турција нема аспирации кон туѓи територии

во категорија Свет од

ИСТАНБУЛ (АА) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција нема територијални аспирации во Сирија ниту каде било на друго место во светот, јавува Anadolu Agency (AA).

„Операциите што ги спроведуваме во Сирија имаат две цели. Првата е да ги отстраниме терористичките закани за Турција, а втората е во Сирија да воспоставиме подрачје кое ќе биде безбедно, мирно и адекватно за живот на бегалците кои моментално престојуваат во Турција“, порача денес Ердоган на Конференцијата за глобално претприемништво во Истанбул.

Ердоган истакна дека крвопролевањето на невини луѓе и разрушените градови во Сирија се една од последиците на подлите намери и погрешните проценки на глобалните политички центри.

„Војната во Сирија трае веќе седум години, а тие империјалистички сили не примија бегалци од таа земја. Турција прими и се грижи за 3,5 милиони бегалци. Империјалистичките сили дојдоа, рекоа: ‘Аха, напад со хемиско оружје, и извршија напад’. Напатени деца од Сирија доаѓаат во Турција и јас гледам во каква состојба се. Тие другите не го гледаат тоа, туку само повторуваат дека интервенирале поради напад со хемиско оружје. Јас ги прашувам зошто чекаа хемиски напад, зошто не реагираа на масакрите извршени со конвенционално оружје, кое донесе десеткратно повеќе цивилни жртви во Сирија. Зарем е тоа правда?“, рече Ердоган.

Истакнувајќи дека на таа тема отворено говори и на сите меѓународни состаноци, Ердоган истакна дека империјалистите не се грижат за тие теми.

„Предлагам дa ги поставиме темелите на нов мир во светот во кој нема да има бомбардирања. Тие само зборуваат за мир и само за мир, но каков е тој мир за кој говорите по бомбардирањата што ги извршувате? Ајде да бидеме искрени“, рече Ердоган.

Тој истакна дека Турција за згрижување на сириските бегалци досега потрошила 31 милијарда долари, и ја критикуваше меѓународната заедница поради недостатокот на соодветна поддршка во тој процес.

Ердоган ја обвини американската администрација на чело со поранешниот претседател Џорџ Буш и Барак Обама, како и оваа под раководство на Доналд Трамп, дека не одобрувале средства за предложената изградба на населби во безбедната зона во Ирак и Сирија, а од друга страна лесно одобрувала милијарди и трилиони долари за бомби со кои се изведуваа напади во овие земји.


Извор:http://aa.com.tr/mk/