Градоначалникот на Ѓорче Петров: Ќе поставиме семафор на критичното место во населбата

во категорија Македонија од
На критичното место во населбата Ѓорче Петров каде што беше прегазено дете ќе биде поставен семафор со кој се очекува целосно да се реши проблемот со сообраќајот, брзото возење и непочитување на пешаците кои минуваат на пешачкиот премин кај училиштето „Мирче Ацев“.

– Како градоначалник, жител на општината, и родител изразувам големо жалење за незгодата при што повредено е дете кое е наш сограѓанин. Посакувам што побрзо да закрепне, и се надевам дека по решавање на сообраќајниот проблем, никогаш повеќе во мојата општина, на тоа место, нема да се повтори ваков немил настан, кој за жал се повторува. Во повеќе наврати, заедно со релевантните засегнати страни, но и невладини организации кои работат на проблематиката, како општина инициравме средби на оваа тема, а дебатиравме за можни решенија токму пред неколку дена во мојот Кабинет – вели градоначалникот Александар Наумовски.

Тој, повика пред се на свесност и совесност кај возачите кои сообраќаат по таа улица, особено затоа што во тој дел од Ѓорче Петров, поради училиштето, во најголем број се движат деца, но и на разумност кај родителите и смирување на тензиите поврзани со овој настан.

Граѓани од населбата Ѓорче Петров вчеравечер се собраа на протест кај училиштето „Мирче Ацев“ откако попладнето беше прегазено дете.

Детето веднаш било пренесено во болница, но сега е во стабилна состојба. Родителите на учениците од ООУ„ Мирче Ацев“ како и околните жители, подолг период апелираат за поставување на светлосна сигнализација, бидејќи претходно беа полесно повредени уште неколку деца во сообраќајни несреќи на истата улица.

Пред помалку од еден месец друго десетгодишно дете беше прегазено на истата улица.

Извор: https://nezavisen.mk/