Алчевски: Прекрасно е да гледаш како се снима ТВ серија за ХБО според твое сценарио

во категорија Култура од

Сѐ почна со конкурсот за сценарио за ТВ серија на „Ејч-би-о Адриа“ (HBO Adria) на кој токму сценариото „Успех“ на Марјан Алчевски беше едно од двете победнички сценарија.

Алчевски е сценарист кој веќе 18 години живее во Загреб. Таму завршил драматургија и сценарио на Академијата за драмски уметности и твори во повеќе области – ТВ-шоуа, детски програми, сценарија за кратки филмови, документарци.

За своето сценарио Алчевски вели дека се работи за современа драма за обични луѓе во необична ситуација. „Фокусирана на ликовите што се трудат повторно да преземат контрола над своите животи, по еден насилен настан. Почнуваат да се прашуваат дали воопшто некогаш и имале контрола. И што сега, ќе ја свиткаат ли главата или ќе се борат? Тановиќ многу добро ја чувствува таа тематска основа на приказната и знае точно како да ѝ пристапи. Плус, соработката со него е убавина“. Режисер на серијата е оскаровецот Данис Тановиќ.

„Снимањето почна во март и ќе трае до крајот на мај. Целата екипа работи многу напорно, но и со многу љубов и амбиција. За мене е прекрасно да ги гледам резултатите на нивниот труд и многу сум горд на сите вклучени во снимањето. Имаме одлични актери, режисерот Данис Тановиќ е феноменален, создаваат нешто навистина вредно.

Зошто Загреб? Образование и работа таму, а не Скопје на пример?

– Заминав од Скопје пред 18 години. Бев заљубен и во врска со девојка од Загреб. Заради неа дојдов и останав овде. Не заради работа или образование. Одлуката не беше многу рационална. Денес најверојатно не би имал храброст за такво нешто. Во Скопје студирав новинарство и работев во невладиниот сектор. Имав 22 години и немав потреба да се селам за да остварам нешто. Моите причини беа сосема лични, можеби дури и наивни. Но на тие години ако не си наивен, кога да бидеш?

Како ја оценуваш ТВ продукцијата во Македонија? Во последно време таа продукција најмногу зависи од грантови, а не од бизнис логиката на секој таков проект?

– Не ја следам детално ТВ продукцијата во Македонија. Го научив постариот син да пее „Таму секој ден е Крисмас“, само не знам како да му објаснам што значи идниот стих дека те мамат море, секаде е исто. Уште е мал. Грантовите се во мигов потребни бидејќи со години ТВ продукцијата е девастирана. Нема бизнис логика на пазар кој не постои, тие либертаријански прикаски немаат врска со реалноста. Тажно е што странски фондови се неопходни за да имаме „Фчерашни новости“ или „Преспав“, што без тие грантови нема ни „Фамилијата Марковски“ ни „Инсајдер“. Тоа е директен резултат на долгогодишна кратковидност и уништување на културниот потенцијал. Во земја во која имаме пари за безимени воини на коњ ќе гледаме телевизија која некои туѓи даночни обврзници ни ја финансираат. 

Дали сте се обиделе да продадете сценарио во Македонија?

– Не. Последен пат работев на Македонски проект пред десетина години како сценарист на документарниот филм „Плати и жени“ на Атанас Георгиев. Плус што реалноста не е како од некое шарено списание за славни и убави; сценарио не се продава, барем не кај нас, треба да аплицираш на конкурси, да се бориш со години за да добиеш прилика, да веруваш во себе и да чекаш, да туркаш кога сите ти велат „не“. Повеќето од тие обиди се однапред осудени на пропаст. Дури ни кога обидот е успешен нема тоа да напишеш нешто, па да го продадеш, едноставно нема пазар за сценарија. Процесот е поинаков, значи дека се вклучуваат режисерот и продуцентите, па актери и сите други кои ќе работат на проектот.

Во Македонија најмногу се зборува за субвенции во културата, а не и за успех и заработка на еден проект на пазарна основа – тиражи, гледаност, авторски права, реклама… Неопходен ли ни е ваквиот концепт?

– Субвенциите се апсолутно неопходни. Или тоа или да ги затвориме сите библиотеки, да го исфрлиме мајчиниот јазик од училишниот распоред, за генерација-две сите ќе говориме солиден англиски и веќе да не се караме на оваа тема. Прашањето не е дали ни треба театар субвенциониран од буџетот, туку со кој памет дозволивме театарска зграда од 40 милиони евра. Турските серии и турбофолкот имаат одлична гледаност и високи тиражи. Тоа не значи дека домашната култура треба да је отфрлиме бидејќи е некомерцијална, туку значи дека мора да инвестираме повеќе и попаметно во создавање на квалитетни содржини кои ќе ја вратат публиката кон она што вреди. Деновиве дознавме дека Александар Поповски ќе режира ТВ серија адаптација на „Зоки Поки“. Редно беше. Како е можно ова да е првата адаптација на таа култна книга? И треба ли да ја проценуваме вредноста на книгата „Зоки Поки“ низ призмата на тиражот? Или можеби би сакале култура во која секои десетина години ќе се појави нешто ново во рангот на „Зоки Поки“, па макар тие нови книги ги плаќаме низ даноци?

Што е тајната на оваа нова мода со ТВ сериите и преземањето на приоритетот во продукцијата?

– Не постои некоја тајна, ниту мода. Има многу фактори кои влијаат на растот на популарноста и квалитетот на ТВ сериите. Важна е и технологијата на дистрибуција на содржините но, за мене, најважна е публиката која сака да гледа „долги форми“. ТВ сериите ни овозможиваат да навлеземе малку подлабоко во ликовите и тоа може да биде вистинско задоволство. Ни нудат можност да гледаме нешто познато, нешто препознатливо испреплетено, со нешто ново и неочекувано.

Веќе се снима твојата серија која победи на конкурсот за сценарио за ТВ серија на ХБО. Што понатаму?

– Резултатот од успехот на ова сценарио ќе го знаеме дури кога ќе ја прикажеме серијата, тогаш публиката и критиката ќе имаат шанса да го кажат своето. Затоа не се мачам многу со прашања од типот „што понатаму?“ Имам што да пишувам идниве неколку месеци, а „Успех“ е сепак ТВ серија, секогаш постои надежта дека приказната ќе доживее и повеќе од првите 6 епизоди. Ќе видиме.

А.Д.

За серијата „Успех“

Во Загреб во тек е снимањето на „Успех“, прва серија од оригиналната Ејч-би-о (HBO) продукција во нашиот регион. Покрај веќе претходно најавените главни улоги во кои настапуваат Марија Шкаричиќ, Уликс Фехмиу, Ива Михалиќ, Тони Гојановиќ и Тара Талер, во споредните улоги ќе ги гледаме Горан Богдан, Горан Навојец, Ивана Рошчиќ, Леон Лучев, Борут Веселко, Јасна Жалица.

„Успех“ е повеќеслојна драма фокусирана на силни ликови. Тројца луѓе кои не се познаваат ќе ги поврзе несреќен редослед на настани во моментот кога ќе се обидат да помогнат на една жртва на насилство. Со оглед дека последиците од нивните дела започнуваат да се вовлекуваат во секој аспект од нивните животи, тие обични луѓе со различно потекло одлучуваат повторно да воспостават контрола врз своите животи. Станува збор за горчлива ода на градот Загреб која донесува мрачен увид во различните структури на денешното општество претставени низ животните приказни на обични луѓе кои друштвото ги довело до работ. Иако, на прв поглед, е повеќе загрепска серија, „Успех“ е универзална приказна во која преку љубовта, работата, преданоста, несигурноста и злосторството се истражуваат и чувствата на фрустрација, беспомошност и пасивност во секојдневниот живот на обичниот човек во регионот и пошироко.

Сценариото на серијата „Успех“ која ќе има шест продолженија е на македонскиот автор Марјан Алчевски, додека режисер е оскаровецот Данис Тановиќ.

Извршни продуценти на серијата се Стив Метјус и Џонатан Јанг (HBO Europe), продуценти се Ана Балентовиќ (HBO Adria), Небојша Тараба и Миодраг Сила (Други план), додека супервизор на продукцијата е Ема Тарнер.

Во другите улоги: Мислав Чавајда, Никша Бутијер, Бојан Навојец, Барбара Вицковиќ, Миран Курспахиќ, Тихана Лазовиќ, Вилим Матула, Ѓорѓе Кукуљица, Дајана Чуљак, Филип Маер, Дамир Пољичак, Тена Гајски, Младен Ковачиќ, Павле Матушко, Матија Качан, Дора Перојевиќ и многу други.

Оригинална HBO Europe продукција

HBO Europe продуцира квалитетни серии во Чешка, Романија, Полска и Унгарија уште од 2010 година. Наградуваната мини-серија „Несогорливата капина“ (Burning Bush), како и врвните драмски серии „Златен живот“ (Aranyélet), „Мамон“, „Shall We Kiss“ и „Глутница“ (Wataha) ги освоија критичарите и публиката во земјите каде се снимени, но пробудија голем интерес и на меѓународна сцена. Секогаш смели, на работ, единствени, револуционерни и подготвени за рушење на табуа – продукцијата со потпис на HBO стана синоним за квалитетни приказни.

Сите серии од оригиналната HBO Europe продукција се достапни преку видео услугата на барање HBO GO на www.hbogo.mk

Извор:https://www.mkd.mk/