Франција порача: Русија е на потег по нападот во Сирија

во категорија Свет од

По нападот на западните земји во Сирија, на потег е Русија да изврши притисок врз претседателот Башат ал-Асад, за да се изнајде политичко решение на кризата. Ова го изјави шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан.

„Сега се надеваме дека Русија ќе сфати оти по воениот одговор, неопходно е да вложи заеднички напори во промовирање на политичкиот процес во Сирија, за излез од кризата. Франција е подготвена за тој момент“, рече Ле Дриан, во интервју за „Журнал ди диманш“.

Францускиот министер додаде дека Асад е оној кон го блокира политичкиот процес и дека и преостанува на Русија да изврши притисок врз него.

Ле Дриан оцени дека првата неопходна етапа е воспоставување на прекин на огнот што ќе го почитуваат сите страни, како што е наведено во претходните резолуции на Советот за безбедност при Обединетите Нации.

Според неговите зборови, нападите кои вчера ги спроведоа силите на САД, Велика Британија и Франција во Сирија, треба да овозможат повторно започнување на преговори во рамки на Обединетите Нации.

извор: Makfax

Извор: http://vecer.mk/