Турска музика: Патот на мелодиите од теќе до кафуле

во категорија Култура од

САРАЕВО (AA) – ЕМРЕ БАШТУГ – Турската музика е културен мост меѓу народите на Турција и Босна и Херцеговина. Босна и Херцеговина е земја каде што турската музика го започнала своето патување во дервишкотo теќе, а денес продолжува да живее во кафулињата што ги посетуваат многу луѓе, пишува Anadolu Agency (AA).

Првите турски мелодии во Босна и Херцеговина се појавуваат во османлискиот период во теќињата како мистична музика. Исто така, турската музика влијаеше врз бошњачките народни музички песни познати како „севдалинки“.

Денес, турските мелодии кои се користат во многу различни жанрови, како што се илахијата (духовна музика), поп-музиката или арабеската, и понатаму продолжуваат да бидат влијателни во Босна и Херцеговина.

Многу музичари од Босна и Херцеговина имаат албуми инспирирани од турски песни. Музичарите земаат песни од музичките автори од Турција, ја употребуваат композицијата, а стиховите ги пеат на босански.

Додека традицијата на суфистичката музика (мистична музика) продолжува и сè уште живее во Босна и Херцеговина, турските музички мелодии во различни жанрови често се слушаат речиси во секое кафуле.

Особено кафулињата во Башчаршија, во главниот град Сараево, се центри за презентирање на турската музика на луѓето од сите сфери на животот. Турската музика се среќава со народот на овие места.

– „Користени се околу 1000 дела од турски музички автори“ 

Пејачот Бурхан Шабан, кој по потекло е од Македонија, а живее во Сараево, рече дека традицијата на турска музика во Босна и Херцеговина дошла со мистицизам и теќејската култура за време на османлискиот период, и оваа традиција сè уште продолжува.

Шабан истакна дека на крајот од осумдесеттите години, во времето на Југославија, се обиделе да ја актуелизираат турската музика на дневен ред преку различни мелодии и аранжмани. „Почнавме да ги користиме овие мелодии, илахии, композиции, на концерти и церемонии, извлекувајќи ги од теќињата. Ова е прифатено како еден вид културна преродба во овие региони“, рече Шабан.

Тој објасни дека влијанието на турската музика на Балканот е доста големо и турската музика не влијаела само на мистичната музика, туку и на севдалинките.

„Многу музичари во Босна и Херцеговина го менуваат текстот на турските песни и ги прават повторно, користејќи ја само композицијата. Дури и еден од најпознатите музичари од регионот, Дино Мерлин, е инспириран од турската музика во некои негови песни“, вели Шабан.

Исто така и Шабан користел дела од турската музика за своите албуми. Тој посочи дека речиси 1000 дела, вклучувајќи и 700 турски мистични песни, биле увезени во Босна и Херцеговина.

Шабан истакна дека особено илахиите се важен показател за разликата меѓу Бошњаците и Србите и Хрватите. Шабан истакна дека иако јазичната разлика меѓу трите народи не е многу голема, мистичната музика и севдалинката се фактори кои влијаат на разликата меѓу овие народи.

„Во Босна и Херцеговина доаѓаат не само прехранбените производи во маркетите, туку и музиката како храна за душата“, рече Шабан, наведувајќи дека како што било порано, и сега Турција и Босна и Херцеговина се поврзани во многу области.

Шабан вели дека се надеваат оти им доверуваат добро дело на идните генерации. „Верувам дека и Турција ќе постапи чувствително за оваа тема. Веројатно оваа љубов ќе продолжи засекогаш“, изјави Шабан.

– „Турската музика е поблиска до босанската култура“

Џелил Мекиќ, кој работи во едно кафуле во Башчаршија, рече дека кафулето е место кое ја одразува источната култура и дека кога луѓето ги слушаат песните со турскиот мелос, тука се чувствуваат удобно и оти турската музика е поблиска до босанската култура отколку западната музика.

„Луѓето ја сакаат турската музика, а понекогаш и порачуваат песни“, рече Мекиќ.

„Има многу атрактивни места што пуштаат турска музика. Така локалот понекогаш изгледа како да е во Турција. Со тоа и луѓето се чувствуваат како да пијат кафе во Турција. Ние, исто така, се обидуваме да ја создадеме оваа атмосфера“, објасни Мекиќ.


Извор:http://aa.com.tr/mk/