Царовска: Oбезбедуваме поддршка од 19 илјади денари месечно за вработување на над 520 лица од ранливи или тешко вработливи категории

во категорија Македонија од

Министерката за труд и социјална политика, Mила Царовска, министерот за здравство, Венко Филипче и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Луиза Винтон,  денеска го посетија здружението на граѓани за советување и лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависници од психотропни супстанци „Избор Струмица“.

Освен на овие услуги, здружението работи и на развивање социјално претприемништво и социјална инклузија. Пример за тоа е социјалното претпријатие „Покров“ кое функционира во рамките на здружението „Избор Струмица“.  Во него се отвораат одржливи работни места за лицата кои ќе го завршат процесот на рехабилитација во тераписката заедница “Покров“.

Mинистерката Царовска посочи дека Тераписката заедница „Покров“ е посебен или совршен пример како преку развој на социјална услуга може да се придонесе и кон развој на економијата во една локална самоуправа.

„Се надевам дека и другите локални самоуправи ќе го препознаат овој модел и ќе го развиваат во своите заедници. Ние како МТСП го препознавме овој модел и во ревидираниот Оперативен план за вработување во 2017 година и во ОП за 2018 година. Со новиот план е предвидена мерка „Субвенционирање на плати“, каде што даваме 19 илјади денари за вработување на ранливи или тешко вработливи групи на граѓани. За 12 месеци работодавачите може да добијат 228 илјади денари и се очекува со оваа мерка да се опфатат над 520 лица“, истакна министерката Царовска.

Министерот за Здравство, Венко Филипче ја истакна значајноста на интерсекторскиот пристап затоа што Министерство за здравство работи на подобрување на квалитетот на лекување на зависниците, а МТСП на нивната ресоцијализација.

Според Луиза Винтон, УНДП со задоволство го поддржа овој проект уште минатата година, како заедничка иницијатива со МТСП.

„Ова е одличен пример како може успешно да функционира невладиниот сектор со други партнери, а посебно при воведување на иновативни приоди како органското производство со вклучување на ранливите категории“, истакна постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Винтон.

Во насока на поддршка на постојните социјални претпријатија, кои се добри примери во Македонија, за нивен дополнителен раст и развој, со Оперативниот план кој се ревидираше во втората половина на 2017 година  се воведе мерката за  „Финансиска и советодавна поддршка за раст на микро, мали и средни претпријатија и социјални претпријатија“. За ова мерка се пријави и Здружението Избор, со терапевтската заедница „Покров“ и го искористи грантот за изградба на уште еден модерен пластеник за производство на раноградинарски производи, со што и дополнително се вработени три лица од ранливата група со која работи здружението.

Во оваа насока министерството нуди нови мерки кои се дел од Оперативниот план за вработување за 2018 година, чија цел е поттикнување на вработувања и раст на социјалните претпријатија и граѓански организации. За поддршка на вработување на лица кои се тешко вработливи на пазарот на трудот, министерството за труд и социјална политика обезбедува субвенционирање на плати во висина до 19.000 денари месечно. Корисници на оваа мерка се  токму социјални претпријатија и граѓански (непрофитни) организации кои што се занимаваат со економска активност при вршење на својата дејност, како и микро, мали и средни фирми.

Leave a Reply