(ВИДЕО) Шилегов: „Ќосето“ не е отстранет реваншистички

во категорија Видео вести/Македонија од

Отстранувањето на споменикот на Андон Лазов Ќосето не е чин на реваншизам, туку чин на постапување по дивоградба. Така изјави градоначалникот на Скопје во синоќешното гостување на емисијата 360 Степени на АЛСАТ М. Досега, градот се правдаше дека споменикот е тргнат во раните утрински часови поради безбедноста во сообраќајот. Па, Шилегов беше прашан, зошто барем акцијата не била најавена?

„Поставување на споменик е свечен чин и тој по дефиниција не треба да се одвива во рани утрински часови. Шверцерски … додека уривањето на дивоградба нема во себе свеченост. И тоа не треба да го правите со фанфари и со најави и тука сте рационален во приодот“, вели Шилегов.

Шилегов беше прашан и за прозивките во дел од јавноста кои побараа Шилегов да го отстрани и споменикот на УЧК во општината Чаир. Тој се дистанцираше од случајот, одговарајќи дека нема надлежност и ја префрли топката кај општината Чаир и Министерството за транспорт.

За оние објекти кои кажа дека се во негова надлежност потврди дека ќе се отстрануваат бродовите во реката Вардар, иако таа операција на крај може да чини и неколку милиони евра. Причината, одговори е што последните истражувања покажале дека при евентуално надоаѓање на големи води, Скопје може да претрпи материјални штети и до 500 милиони евра.

„Не станува збор за каприц на Петре Шилегов дека сака да го руши Скопје 2014-та. Станува збор за безбедност на граѓаните на Градот Скопје. Кому треба јас утре да објаснувам зошто не сум ги тргнал бродовите ако не дај боже се удави некој граѓанин во тие поплави или куќите се срозат со земја, со водите, како што знае Вардар да ги донесе“, вели Шилегов.

Шилегов не одговори конкретно дали судбината на споменикот на Андон Лазов Ќосето ќе ја доживеат и други споменици. Кажа дека за тоа ќе одлучат комисиите кои работат во рамките на Министерството за култура и извршната власт.

/Алсат-М/

Leave a Reply