Турција не прифаќа „привилегирано партнерство” со ЕУ

во категорија Регион од

Турција нема да прифати „привилегирано партнерство” со Европската Унија, изјави турскиот министер за ЕУ ​​Омер Челик, пренесува „Хуриет Дејли њуз“.

Ако ни се понуди привилегирано партнерство, ние нема ниту да го разгледаме, туку едноставно ќе го отфрлиме, изјави Челик за телевизијата Хабертурк.

Германски политичари неодамна предложија „привилегирано партнерство” за Турција како алтернатива на нејзиното полноправно членство во Унијата.

Никој не може да понуди второкласен статус на Турција во односите со ЕУ, рече Челик, истакнувајќи дека неговата земја има јасен став за ова прашање.

Министерот, исто така, го критикуваше еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Иако е европски комесар за проширување, тој сака да ги наруши односите меѓу Турција и ЕУ, истакна Челик..

Турција ја поднесе кандидатурата за членство во ЕУ, уште додека таа се викаше Европска економска заедница, во 1987 година.

Преговорите за членство во ЕУ започнаа во 2005 година, но во моментов се во ќор-сокак. Досега земјата отвори 16 од 35 преговарачки поглавја, при што само едно е завршено.

Челик изрази очекување Анкара да го отвори и Поглавјето 23 за правда и фундаментални права, како и Поглавје 24 за правда, слобода и безбедност.

Leave a Reply

Your email address will not be published.