Масовните забави ги зближуваа луѓето како едно големо среќно семејство

во категорија Занимливости од

Традицијата на прославување на Нова година постои во светот речиси 4.000 години и симболизира нов почеток и надеж за во иднина.

Секако, во минатото одбележувањето и украсувањето во чест на Новата година не било отсекогаш онакво како што го знаеме и гледаме денес. Гордана Јанакиевска, која е поранешна туристичка работничка и личност што долго време е запознаена со состојбите за овој период од годината, ни посочи дека главниот елемент за Нова година, новогодишното дрво (елка), е симбол на древниот свет и претставува „космичко дрво“ што покажува кон небото (вселената). Ѕвездата на врвот се поставува поради верувањата дека секој човек има своја ѕвезда што се појавува на небото во моментот на неговото раѓање и ја претставува неговата среќа. Подароците, пак, се израз на желбата за благосостојба, па оттука и доаѓа и украсувањето на домот и поставувањето богати трпези и празнични свечености.
Официјално, Новата година на целата територија на нашата земја, како и секаде во светот, настапува на 1 јануари на полноќ, но интересно е да се напомене дека првенствено настапува во најисточните делови на Македонија, во градовите како Пехчево, Берово и Делчево, па потоа минута подоцна во централните делови и по десетина минути, ќе дојде до најзападните делови на нашата држава, на пример во Дебар. Ова се должи на географската поставеност на нашата земја, која е значително поисточно од централниот меридијан на средноевропското време.

Како скопјани ја пречекуваа Новата година во минатото? Кога почнаа масовните славења на плоштадите и булеварите? На што се сеќаваат дел скопјани?
– Насекаде околу нас забрзани родители со пакетчиња и подароци за најмладите, плоштадите преполни со насмевнати лица, тезги натрупани со новогодишни украси. Во детството често стоевме долго пред продавниците и тезгите, размислувајќи која честитки да ја купиме, кој да ги прими најискрените желби, родителите, бабите и дедовците, другарчињата од училиште и од улица, нашите роднини. Секако, и ние со нетрпение ги чекавме возвратните честитки и броевме од кого и колку сме добиле. Понатаму тие ги чувавме до следната година. Ден-денес ги чувам и поставувам најдрагите честитки покрај елката – ни вели Јанакиевска, која се присетува на детството за време на Нова година и на новогодишните празници.
Денес, таа ги претпочита домашната атмосфера и семејните новогодишни вечери и утра, кои им носат вистинска радост и среќа и на неа и на семејството.
– Силно уживав и сѐ уште уживам во празнична атмосфера, тогаш сите околу мене се среќни и насмеани – завршува Јанакиевска.
Инаку, Новата година кај нас е прогласена за државен празник во 1955 година, со прв општ закон за државните празници. Во минатото, Нова година во Скопје се славела дома, а подоцна почнале да се организираат пречеци во кафеани како на пример во „Бристол“, „Метропол“, „Балкан“ и на многу други места. По предновогодишна атмосфера ја создаваат и накитениот град, растрчаните луѓе по дуќаните, тезгите на плоштадот и улицата Македонија, продавачите на печени костени, па дури и продавачите на петарди и огномети.

Почетокот на традицијата, пак, на групно чекање на Новата година, почнува со долго прераскажуваната и необична приказна за прославата на илјадитиот број на легендарниот македонски неделник „Екран“, во 1990 година. Имено, раководството на неделникот решило на своите читатели за новогодишните празници да им подари новогодишна забава, по модел на оние што се организираат во светските метрополи како Париз и Лондон. Во тој период, ова неделно списание било навистина популарно и се печатело во просечен тираж од 40 илјади броја дневно, додека новогодишните изданија достигнувале и до 100 илјади. Поради оваа голема читаност, раководството и целосниот колектив на „Екран“ решило да организира забава на скопскиот плоштад. Иако градското раководство го прифатило овој предлог со голема доза скептицизам и недоверба во целосната идеја, дало согласност и почнале подготовките. Во однос на организацијата, не биле одвоени многу средства, биле поставени бина и неколку штанда за топли пијалаци, а изведувачите што настапувале во околните скопски локали на паузите од своите настапи со возила биле пренесувани до бината на плоштадот. Интересно е да се напомене дека на плоштадот дошле повеќе од 20 илјади луѓе, што било навистина неочекувано и го затекло раководството на овој настан, па граѓаните стигнале до тоа да одат дома за да земат пијалаци и се враќале да уживаат во прославата. Како дел од овој настан било планирано и првпат да се организира и огномет, нешто што е сосема вообичаено за денешно време и целата организација околу тој момент е многу интересна. Првенствено, набавката на огнометот била навистина тешка, па потоа дозволата од полицијата, но на крајот целосниот план се спровел и навистина било спектакуларно доживување. Уредникот на неделникот „Екран“, Тимчо Апостолов, кој е еден од главните виновници за поставување на овој преседан и еден од луѓето што ја организирала и спровеле оваа идеја, како и човекот што ни ја раскажа оваа приказна вели дека тогаш навистина постоела сплотеност меѓу луѓето и навистина сега се други времиња и различно функционираат работите.

– Организиравме еден настан што беше навистина необичен и интересен. Луѓето што доаѓаа во големи групи ги викаа своите пријатели и забавата беше одлична. Група извидници запалија логорски оган, коњичкиот клуб организира парада и сето тоа беше самоиницијативно и спонтано. Целта ја постигнавме со тоа што имаше голема сплотеност и заедништво меѓу луѓето – вели Апостолов.
Во денешно време забавите имаат различна цел, се трошат многу пари и навистина се пристапува мегаломански кон целиот овој концепт за новогодишно прославување. Изминативе години бевме сведоци на тоа колкави хонорари се одвојуваа за настапувачите на овие пречеци и колку се претеруваше во целата организација.
– Не треба целосно да отстапуваме од концептот на овој вид прослави. Квалитетна забава може да се организира и со малку средства. Важно е да се има мера и да не одвојуваат огромни хонорари за изведувачите. Ако постои желба и добра волја, а намерата е да се овозможи добра забава за луѓето, сè е возможно – се надоврзува Тимчо Апостолов.
По краткиот пат низ историјата, стигнуваме и до денешните прослави и пречеци на Нова година. Во изминатите декади и неколку години, граѓаните на главниот град се навикнати на сосема различни прослави за новогодишната ноќ. Неколку години претходно се случуваше да се организираат вакви забави и од повеќе локални самоуправи на раздалеченост од само триста метри и повеќето од овие настани добија и политичка заднина. Многумина од граѓаните беа незадоволни со фактот што се одвојуваат огромни суми за странски изведувачи, додека македонските беа целосно запоставени. Како и да е, Скопје знаел како да организира прослави и како да се забавува, особено во овој период од годината и според информациите за тоа колкав е интересот во локалите, се очекува убав празничен викенд во главниот град.

Leave a Reply