Француско-германска награда за човекови права за Беким Асани од ЛГБТ Јунајтед

во категорија Македонија од

Француско-германската награда за човекови права годинава ќе му биде доделена на Беким Асани претседател на здружението „ЛГБТ Јунајтед Тетово – Македонија“ денеска од амбасадорите на Германија и на Франција во земјава и во присуство на премиерот Зоран Заев, во 18 часот, во Резиденцијата на Франција во Скопје.

Оваа награда, воспоставена во 2015 г. од страна на претседателите на Сојузна Република Германија и на Република Франција, се доделува секоја година на 20 лица ширум светот за нивната посветеност кон почитувањето и унапредувањето на човековите права.

Господинот Беким Асани се истакнува со своето дејствување во борба против дискриминацијата. Уште од 2001 година тој работи на приближувањето на заедниците и заштита на најобесправените групи. Господинот Асани најмногу се залага за почитување на правата на хомосексуалците, бисексуалците и транссексуалците во Македонија и на Балканот. Активен поддржувач и обединувач, тој е гласот и лицето на луѓето што се дискриминирани поради нивните различности. Од тие причини, тој е изложен на бројни опасности и тешкотии.

Оваа награда потсетува на важноста да се почитуваат луѓето што се поинакви, такви какви што се. Борбата против дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација е дел од европските вредности и претставува критериум за европска интеграција. Ние мора да ги поддржуваме и охрабруваме оние, кои како и господинот Беким Асани, придонесуваат општеството да се развива во правец на поголема отвореност и почитување на другите“, се наведува во соопштението од Француската амбасада.

Leave a Reply